Врз основа на најавите за подготовка на нов Закон за продажба на земјоделското земјиште, Националната федерација на фармери подготви Анализа за импликациите од процесот на продажба на земјодеското земјиште врз земјоделството и руралниот развој.
– Ние како претсавници на земјоделците и малите земјоделски стопанства од никогаш не сме се согласувале да се донесуваат закони преку кои ќе се врши продажба на земјоделско земјиште. Не се согласувавме и со донесениот Закон за продажба на земјоделско земјиште во 2013 и сметавме дека тој треба да се укине. Според нас лоша политика е да се врши продажба на земоделското земјиште и пренамена на земјоделското земјиште во градежно, наведуваат од Националната федерација на фармери.
Земјоделското земјиште, посочуваат, како основен и неопходен фактор за производство на земјоделско-прехранбени производи, претставува добро од општ интерес и сите држави во рамките на земјоделските политики, како што велат, градат посебна земјишна политика со која го заштиуваат и го уредуваат неговото користење пред сè за производство на храна.
– Во структурата повеќе од 40 проценти од вкупното обработливо земјиште, и околу 80 посто од пасиштата се во државна сопственост. Државното земјиште е значаен ресурс кој мора да се чува и управува како „добар домаќин“, затоа што правилното управување ќе ги одреди идните состојби во земјоделството и развојот на руралните средини, а мора да се чува бидејќи ни е наследство од претходните генерации, кое како необновлив ресурс го позајмуваме од следните генерации на кој мораме да им го оставиме во наследство, велат од Националната федерација.
Доколку се донесе Закон кој добро не ја регулира и заштитува земјоделското земјиште, сметаат дека ќе предизвика трајна загуба на овој ресурс за државата.
– Најавите дека ќе бидат продавани само крупни парцели, ќе ги стави семејните земјоделски стопанства во подредена положба, со оглед дека тие се со слаб инвестиционен капацитет и со мала можност за подигање на кредити за купување на земјиштето. Во таков случај ова на долг рок може да предизвика нивно постепено напуштање на земјоделството и на руралните средини, се наведува во соопштението.
До 2013 година, велат, моделот на управување со ова земјиште беше исклучиво преку негово издавање под закуп или пак на плодоуживање со цел користење за земјоделско производство. Националната федерација на фармери смета дека државното земјиште треба да се дава само под концесија или закуп, а да не се продава.
– Во анализата на Националната федерација на фармери која е подготвена од експерти кои долг период се занимаваат со анализа за земјишната политка се дефинирани следните негативни аспекти: Дел од земјоделците кои досега користеле инфраструктура поставена на државно земјоделско земјиште можат да го загубат тоа право, со што ќе им се отежне пристапот до нивни земјишни парцели; Доколку се случи продажба во која постојат нерасчистени односи постои закана од судски постапки, дури и проблем за тие што ќе го купат ова земјиште; Се поставува прашањето дали може да дојде до изигрување на целиот концепт во кои домашни физички и правни лица би купувале земјиште во име на други (домашни или странски) кои сега не ги исполнуваат условите, за после осум години да им го преведат во нивна сопственост, итн., наведуваат во соопштението.
Предлог модел во насока да се даде придонес кон градење на успешен модел за управување со земјоделското земјиште се даваат следните укажувања: Да се воспостави инструмент, односно да се формира посебна институција – Фонд за управување со државното земјоделско земјиште. Фондот, како што посочуваат, би ја имал функцијата на извршен орган за спроведување на сите мерки и активности на земјишната политика, која треба да биде креирана од МЗШВ; Под итно да се изработи земјишен регистар; Да се воспостави принцип дека средствата од продажбата ќе бидат строго наменети за откуп на приватно земјоделско земјиште кое ќе биде преведувано во државно.
За да се надминат можностите за злоупотреби преку препродажба на купеното државно земјоделско земјиште, додаваат, да се утврди норма дека таквото земјиште може да се продаде само на Фондот.
– Злоупотребите со купување на државно земјоделско земјиште на атрактивни локации каде се очекува тоа земјиште да премине во градежно, да се превенира со норма дека државно земјоделско земјиште кое се граничи со линијата на урбанистичките планови не може да се продава. Исто таква норма да се примени и за државно земјоделско земјиште кое се наоѓа во крајбрежниот појас на езерата, националните паркови, како и други атрактивни локации кои лесно можат да бидат искористени за градба на туристички објекти и викенд населби, велат од Националната федерација на фармери.
Со цел да се поддржат семејните земјоделски стопанства, сметаат дека предност во купувањето треба да имаат тие што се со место на постојано живеење во таа катастарска општина. За овие стопанства, според нив, треба да се предвиди јавно наддавање со физичко присуство, а износот може да го плати на рати во рок од десет години.
– Да се утврдат олеснувања за семејни земјоделски стопанства во неразвиени подрачја и подрачја со отежнати услови за земјоделско производство, како и стопанства каде носител на стопанството е млад земјоделец или жена земјоделец; При продажба на земјиште кое не се обработува (запуштено во подолг период), да се предвиди грејс период за плаќањето, кое ќе му помогне на купувачот да тоа земјиште го стави во функција на производство; При продажба на поголеми парцели на физички или правни лица, да се предвиди дека постоечката инфраструктура на парцелата (пристапен пат до соседни парцели, користење на каналска мрежа од систем за наводнување), без ограничување ќе може да биде користена од сопствениците на околните парцели, додаваат од Федерацијата.
Фото – Национална федерација на фармери