Зголемување на капиталните инвестиции и продолжување на поддршката за стопанството се двата клучни сегмента во ребалансот на Буџетот што Владата денеска го усвои на седница.
Приходната страна на релабансот е подигната за 4,7 проценти во однос на иницијалниот Буџет, односно приходите се проектирани на ниво од 222,6 милијарди денари, што се должи на добрата реализација на приходите од почетокот на годината.
Расходите се планирани на ниво од 268,8 милијарди денари или за 8,6 проценти повеќе во однос на иницијалниот Буџет.
Капиталните расходи се проектирани на ниво од 30,5 милијарди денари или за 6,5 милијарди денари се повисоки во однос на планот за 2021 година. Нивното учество во вкупните расходи на буџетот од иницијално планираните 9,4 проценти, се зголемува на 11,3 проценти што е повисоко ниво од просекот во последните десет години.
Има кратење на расходите кај повеќе буџетски корисници по два основа – по основ на помалку продуктивни трошоци и по основ на проекти кои имаат послаба динамика на реализација. Овие средства ќе бидат насочени кон ставки кои се очекува да дадат поголем процент на реализација и поголема додадена вредност на економијата.
Дефицитот е проектиран на ниво од 46,2 милијарди денари, односно 6,5 проценти од БДП. Тој заедно со отплатите од претходните задолжувања во износ од 43,3 милијарди денари, ќе се финансираат од надворешни и домашни извори.
– Во рамки на отплатите по основ на претходни задолжувања влегуваат еврообврзницата издадена во 2014 година во износ од 500 милиони евра која доспева во јули, државните обврзници во износ од 4,68 милијарди денари и структурните обврзници во износ од 1,44 милијарди денари. Домашното задолжување во износ 23 милијарди денари, ќе се реализира преку државни хартии од вредност со истовремена отплата на државни обврзници во износ од 4,68 милијарди денари, така да нето-задолжувањето ќе изнесува 18,45 милијарди денари кои ќе бидат искористени за финансирање на потребите во тековната 2021 година како и за делумно финансирање на 2022 година. Задолжувањето во странство се реализира преку повлекување на средства од поволни кредити од странски финансиски институции наменети за финансирање на одделни проекти вкучително и заем од ММФ, втората транша од заемот од ЕУ за макро-финансиска поддршка во износ од 80 милиони евра која неодамна ни стана достапна, како и еврообврзницата која веќе ја повлековме, истакна министерот за финансии Фатмир Бесими на денешната прес-конференција.
Според него, ребалансот е соодветен одговор на фискалната политика на тековните случувања и претставува важен чекор на патеката кон стабилизација на економијата.
– Фискалниот стимул за стопанството и граѓаните, мора да продолжи до целосно заздравување и враќање на економијата на патот на економски раст. Во таа насока е и релабансот на буџетот, истакна Бесими.
Новини во релабансот се новата потпрограма за зелен развој, нови инструменти како развојна обврзница и зелена обврзница кои ќе бидат наменети исклучиво за инвестиции и зелен развој. Наскоро се очекува да биде презентиран и Планот за финансирање на забрзаниот раст кој се очекува да овозможи нови инвестиции и работни места.
Премиерот Зоран Заев оцени дека ребалансот е поддршка за стабилна и развојна економија и насочен е кон тоа да се катализираат позитивните движења во економијата. Приоритетите ќе бидат насочени кон надминување на последиците од кризата преку зголемување на инвестициите и поддршка на компаниите.
– Економијата е стабилна. По импактот на третиот бран во првото тримесечје со умерен пад од 1,9 проценти, податоците на државната статистика покажуваат позитивни движења во економијата, истакна Заев, додавајќи дека во индустријата во март е прекинат падот на производството од претходните два месеца, а во април растот достигнал 41, 6 процент на годишна основа. Во првите четири месеци од годинава расте и искористеноста на производствените капацитети, а забележан е и раст кај трговската размена.
Поволните глобални движења се очекува позитивно да влијаат и врз движењата во домашната економија. За еден процент се очекува зголемување на бројот на вработени, а стапката на невработеност да се намали на 15,8 проценти. Проекцијата за раст останува 4,1 процент