Горјана Боневска има уникатна идеја да отвори библиотека за изнајмување еколошки играчки!

- Advertisement -

Горјана Боневска е млада девојка која својот еколошки животен стил планира да го преточи и во бизнис. Со својата идеја за „Џагор“, првата библиотека за играчки во Македонија, таа е еден од победниците на националниот натпревар за зелени идеи на АРНО, и еден од кандидатите кои ќе ја претставува Македонија на регионалниот натпревар.

Библиотеката за играчки е новина на нашиве простори, но не е непозната во светот. Концептот за зелена иднина и циркуларна економија ја наметнува потребата да се намали производството на отпад од искористени детски играчки, што најчесто се направени од пластика. За семејствата тие се голем трошок, но и временски ограничена потреба, додека пораснат децата.

Идејата на Горјана е тие да се изнајмуваат во нејзината библиотека, што многукратно ќе придонесе за штедење на ресурсите на земјата, но и на семејниот буџет. Тие ќе бидат еколошки и изработени од природни материјали, квалитетни и издржливи производи, погодни за многукратна употреба, согласно принципот Редуцирај, Реупотреби, Рециклирај, врз кој таа ја темели својата бизнис идеја.

- Advertisement -

Новинар – Сања Наумовска

Горјана, како замисливте да функционира првата библиотека за играчки во земјава?

- Advertisement -

„Џагор“, првата библиотека за играчки, е осмислена како веб платформа за изнајмување на висококвалитетни и еколошки играчки, кои го поттикнуваат и збогатуваат детскиот развој. Се водиме од мотото: секое дете добива повеќе за помалку. Со нашиот концепт сакаме да направиме пресврт од линеарна кон циркуларна економија, која ќе понуди одговор на хиперпотрошувачката на играчки, а ќе помогне кон креирање на поминималистички животен стил. Принципот на изнајмување ќе биде со членство и достава од врата на врата. Нашата цел е да овозможиме пристап до квалитетни производи за деца и до оние семејства кои се со минимални примања. Еколошките вредности, како и оние за инклузивност, емпатија и солидарност, се во срцевината на нашата идеја.

Има ли ваков тип на библиотеки некаде во регионот или пошироко? Во што се состои уникатноста на „Џагор“ во споредба со нив?

- Advertisement -

Покрај самиот факт дека ова е прва библиотека за играчки кај нас и една од првите во регионов, а пак е проверена и добра пракса во големите метрополи, иновативен аспект на „Џагор“ е фактот дека нашиот концепт се потпира и на информатичките технологии. Работиме на развој на веб платформа и апликација која ќе овозможи соодветно корисничко искуство, кое ќе го олесни поврзувањето услуга и клиент, и ќе ја зголеми видливоста на услугите и на вредносните општествени пораки кои ги негуваме. Исто така информатичките технологии ги ставаме во услуга на раководењето на дата база на членови, пратење на сообраќај на продукти, што само по себе е еден нов предизвик и за програмерскиот тим со кој ќе соработуваме. При изборот на тимот со кој ја градиме идејата, за мене беше важно да ги спојам креативниот со економско- технолошкиот сектор, со цел да создадеме комплетен бренд прилагоден на современото општество.

Што беше тоа што те поттикна да размислувaш во овој правец и да работиш на идеја за библиотека за играчки?

Во моето повеќегодишно искуство во продажба на играчки, станав свесна дека со нашите потрошувачки навики создаваме огромен проблем. Купуваме играчки, кои се користат некое време, се надраснуваат, ги наталожуваме во непосредниот простор и на крај завршуваат во депонија. Ако на ова се додаде дека нашиот купувач, најчесто може да си дозволи евтини и брзо расипливи играчки проблемот само станува поизразен. Треба да се земе предвид дека индустријата на играчки е еден од најголемите корисници на пластика, која пак е еден од најголемите загадувачи. „Џагор“ на некој начин е конкретен одговор на моето уверување дека може подобро и може позелено.

Еден од аспектите на вашата идеја е и обезбедување на играчки за дечиња со попреченост. Каков тип на играчки се тоа?

Пред сѐ, тоа се сензорни играчки и помагала, играчки со текстури или звуци, играчки за развој на моториката и сл.  Но пред сѐ, ние сакаме да градиме непосреден однос со нашите клиенти, да градиме заедница. И во поглед на инклузивноста сакаме да бидеме тука за совет, насока, да слушнеме, да учиме за потребите и за светот на оваа група корисници и од таму да произлезе нашата специфична поддршка за овие лица.

Вашата идеја е наградена на националниот натпревар на АРНО, организација, чија цел се зелениете идеи. Како библиотеката за играчки се вклопува во овој зелен концепт?

Многу ми е драго што се најдов меѓу победниците на националниот натпревар за зелени идеи на АРНО. Жирито даде многу поттикнувачки ветер во млади, оригинални и интересни идеи кои се добри за животната средина. Бизнис приказната наречена „Џагор“, придонесува кон повеќе цели за одржлив развој како обезбедување одржлива потрошувачка и производство и придонес во борбата против климатските промени и нивното влијание. Ние се водиме од принципот редуцирај, реупотреби, рециклирај! Помагаме во редуцирањето на експлоатација на ресурсите, ја исцрпуваме максимално употребната вредност на играчката и воспоставуваме внатрешен систем за управување со отпадот и се поврзуваме со поголемите управувачи на отпад. Исто одржуваме креативни работилници за родители и деца за рециклирање на отпадот од играчки.

Со понудата на еколошки, квалитетни и издржливи производи, погодни за многукратна употреба, придонесуваме кон намалување на отпадот во околината и помагаме во справувањето со непотребното трупање на производи кои брзо се надраснуваат. Промовираме поминималистички животен стил, кој го олеснува секојдневието на потрошувачите. Секој нов член во нашата библиотека значи уште еден освестен потрошувач, кој значително ќе ги намали консумерските навики за играчки. Систем за селекција на отпад исто така се предвидува да биде дел од нашата бизнис приказна. Преку промоцијата на нашиот бизнис, пред сѐ социјални канали, но и е-билтени со новитети, пакување, промотивен штанд на отворено, работилници, ќе се стави акцент на зелената димензија, со пораки кои се еколошки освестувачки и промовираат зелен животен стил. Играчките, исто така, ќе се доставуваат во еколошки пакувања.

Идејата е извонредна. Знаете ли што следи, што ве чека на патот до реализација, имате ли план?

Како идеја во зачеток, можам да кажам дека веќе се идентификувани клучните чекори и наскоро ќе започнеме со имплементација. АРНО натпреварот е ветер во едра и охрабрување дека можеме и дека ќе успееме да стигнеме до крајната цел.  Пред сѐ, сега сме фокусирани на регионалниот натпревар, па подготвувајќи се, ќе се подготвуваме паралелно, за што поскоро да ја донесеме првата библиотека за играчки во Скопје. Сепак, не чека доста работа, но се надеваме дека до крајот на годината „Џагор“ веќе ќе биде асоцијација за одржливо виртуелно катче од каде сакате да си ја позајмите следната кошничка играчки за вашите најмили.

Сподели!
- Advertisement -