Подобрување на интеграцијата преку воспоставување функционална инфраструктура и изедначени економски услови се двете основни прашања каде треба да се интервенира за брза и успешна интеграција на регионот во ЕУ, е пораката од Димитар Цветковски, претседател на Одборот на директори во Макстил АД на Преспа форумот за дијалог.
Една од целите на одржувањето на Преспа форумот за дијалог е пласирање и создавање идеи за процеси, практични решенија и можни одговори на отворени и актуелни прашања од регионален и глобален карактер кои ќе дадат суштински поттик за унапредување и збогатување на регионалната соработка.
Во тој контекст Цветковски во своето обраќање ја истакна приоритетноста на инфраструктурниот развој: „Регионот е физички многу поделен и многу лошо меѓусебно поврзан што го прави невозможен слободниот проток на луѓе, идеи, добра и капитал, a токму слободниот проток е еден од основните принципи на ЕУ. Коридорот 8 е, сè уште, само теорија, коридор што би се протегал по крајбрежјето на Јадранското Море од неговата источна страна, не е дури ни далечна идеја во ЕУ. Сега потребно е два до три пати повеќе време за патување меѓу главните градови во регионот, отколку во слични региони во рамките на ЕУ. Ова многу ја отежнува интеграцијата”.
Со цел зајакнување на економиите во регионот, создавање услови за слободен и отворен пазар и доближување на компаниите од регионот до придобивките на европскиот пазар, Цветковски истакна дека неопходно е да има изедначен третман.
„Во економските односи, земјите од регионот честопати се третираат како и секоја друга земја надвор од ЕУ. Во споредба со економијата на ЕУ, големината на економиите во регионот е нематеријална и овој третман, освен што предизвикува економски товар на регионот, испраќа лоша порака дека ЕУ не се грижи и дека интеграцијата за нас во ЕУ е сè уште далеку. На пример, заштитните мерки за челикот ни беа наметнати како и за која било друга земја во светот, иако нашиот природен пазар е ЕУ како за влезниот материјал, така и за готовиот производ. Стравуваме дека истото ќе се случи со CBAM (Carbon border adjustment mechanism – Механизмот за јаглеродно усогласување на надворешните граници на ЕУ). Примената на овие мерки како да сме земја каде било во светот, ги ослабуваат економиите во регионот и само не оддалечуваат од ЕУ”, истакна Цветковски.
Преспа форумот за дијалог како платформа за унапредување и збогатување на регионалната соработка, се одржува под покровителство на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, со учество на претседатели на држави и влади, политичари од државите од регионот и од други европски и воневропски држави, меѓународни и регионални организации, како и претставници на академската и бизнис заедница.
Макстил АД како компанија којашто 70% од своите производи ги пласира на пазарите на Европската Унија и според обемот на работа е еден од поттикнувачите на македонската економија, е и еден од претставниците на бизнис заедницата на форумот и еден од платинум спонзорите за одржување на истиот.