Еден од најпознатите светски музеи, Галеријата Уфици во Фиренца, веќе подолг период се справува со голем наплив на туристи. Решението за овој проблем – претворање на целиот регион во музеј.
Во следните години преку проектот „Раштркана Уфици“ сликите и скулптурите од музејот ќе бидат распоредени на повеќе од 100 различни локации низ Тоскана, позната по убавата природа и славните вина, пренесува Дојче Веле.
Уфици е градба која во Фиренца ја подигнало семејството Медичи, во овој објект се сместени различни министерства и административни служби, а во него од 16-тиот век се наоѓа и уметничката колекција Галерија Уфици која денеска е еден од најпосетуваните музеи на светот. Во неа се наоѓаат некои од најпознатите уметнички дела на Да Винчи, Микеланџело, Рафаело, Џото, Ботичели или пак Тицијан.
Една од локациите на кои се планира да се изложат слики од овој музеј е островот Елба, во Тиренското Море помеѓу Италија и Корзика, местото каде Наполеон Бонапарта беше затворен во егзил по поразите во битките во Москва и Лајпциг. Во градот Портофераjo до октомври ќе бидат изложени избор слики за Наполеон заедно со дела од локалната колекција.
„Се надеваме дека со изложбата на Елба ќе го вратиме наполеоновиот дух на островот на кој живеел. Сакаме сите големи уметнички дела да ги прикжеме во прав контекст, таму каде што ќе имаат многу поголемо значење отколку во Фиренца, каде се изолирани“, објаснува Ајке Шмит, директор на Галеријата Уфици.
Фото – Piqsels.com