„Поврзан Балкан“ е насловен главниот панел на Регионалниот економски форум што ќе се одржи денеска во Скопје, со учество на премиерите на Северна Македонија Зоран Заев, и на Албанија Еди Рама, претседателот на Србија Александар Вучиќ, како и претставници на повеќе од 300 компании од регионот и од меѓународни институции.
На настанот ќе биде објавено новото име на регионалната иницијатива што досега беше неформално нарекувана како „Мал шенген“ и ќе бидат потпишани трилатерални договори што, според најавите, ќе го подобрат животот на граѓаните и на бизнис заедницата од Западен Балкан.
Програмата на форумот почнува со воведни обраќања на Заев, Вучиќ и Рама, кои потоа ќе учествуваат на економскиот панел на кој ќе говорат и Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Северна Македонија, Марко Чадеж, претседател на Стопанската комора на Србија и Инес Мукостепа, претседател на Унијата на трговско-индустриски комори на Албанија.
По економската дебата следи церемонија на потпишување на два меморандума за разбирање и еден меѓудржавен договор. Предвидено е да бидат потпишани Договор за соработка за заштита и спасување од катастрофи во Западен Балкан и Меморандум за разбирање за олеснување на увоз, извоз и движење на стоки во Западен Балкан, кои произлегуваат од иницијативата за напредна регионална економска соработка меѓу Република Северна Македонија, Република Србија и Република Албанија. Тие претставуваат операционализирање на иницијативата за подобрување на условите во однос на размената на стоки и услуги, како и на иницијативата за соработка меѓу државите во однос на зашита и спасување од катастрофи.
Меморандумот за разбирање за олеснување на увоз, извоз и движење на стоки во Западен Балкан, како што појаснуваат од Владата, се темели на подготвеноста на политичките водства на трите држави за зајакнување на меѓусебните односи и разбирање, особено во областите на увозот, извозот и движењето на стоки, со цел отстранување на пречките во меѓусебната прекугранична трговија, придонес за напредок на економската соработка и за зголемување на обемот на меѓусебна трговска размена.
Меморандумот содржи одредби за поедноставување на формалностите поврзани со увоз, извоз и движење/транзит на стоки, соработката на царинските и другите надлежни органи, како и посебни одредби за безбедноста на храната, ветеринарни и фитосанитарни прашања и слободнотo движење на индустриски непрехрамбени производи.
Со Договорот за соработка за заштита и спасување од катастрофи во Западен Балкан, пак, договорните страни ја регулираат рамката на условите за доброволно давање на помош во случај на катастрофи: планирање и спроведување на мерки за заштита од природни непогоди и несреќи од поплави, земјотреси, пожари, загадување на животната средина, несреќи на пловни објекти, радиолошки опасности, пандемии, како и индустриски и други катастрофи, взаемно известување за заканите, настанувањето и последиците од катастрофи, едукација и обука на персоналот на службите, единиците за заштита и спасување и друите членови на спасувачките тимови, размена на научни и технички податоци и други документи релевантни за заштита од катастрофи и соработка во развој и производство на опрема за спасување и обезбедување помош.
Договорот, исто така, предвидува и обврска за известување за закани, процедури за поминување на границата за целите на спасување и давање помош, заштита и поддршка на работата на спасувачките тимови и индивидуални експерти, начин на надомест на штети, начин на обезбедување грижа и помош на евакуирани лица и користење на средства за комуникација.
Третиот меморандум, како што појаснуваат од Владата, е особено значаен за движењето на пазарот на трудот во регионот и со него договорните страни ја изразуваат својата волја да го олеснат движењето на луѓето со цел да обезбедат полесен и послободен пристап до пазарот на трудот со цел отстранување на работни дозволи и поедноставување на постапките во врска со дозволата за привремен престој. Овој меморандум е во насока на потврда на заложбата за спроведување на правото на ЕУ во областа на слободно движење на работниците и подготвување за поблиска интеграција на единствениот пазар на ЕУ.
Форумот е во организација на Кабинетот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, во координација со кабинетите на Вучиќ и Рама, а во соработка со стопанските комори од регионот. Ќе заврши со прес-конференција на лидерите на кои ќе бидат соопштени придобивките од Форумот, како и плановите за идните иницијативи.
Во пресрет на форумот, претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија Бранко Азески во интервју за МИА рече дека пораката од собирот ќе биде јасна и ќе бара „да се отвори Балканот, да се затвори историјата, да се обедини бизнисот и да се истрае во имплементацијата без оглед на отпорот на конзервативни сили“.
Според него, актуелните политички елити на Србија, Албанија и Северна Македонија имаат волја да ги решат економските проблеми, но, бизнисмените тоа треба да го искористат и да го направат потребниот чекор за успешна интеграција.
Скопје – Wikimedia