Ќе требаат и до 50 години за да се обноват шумите што изгореа

- Advertisement -


Од две до пет децении се потребни за да се обноват уништените шуми и екосистеми кои настрадаа во пожарите. Штетата од беснеењето на пламените јазици на повеќе локации низ земјата од многу аспекти е немерлива. Значењето на шумите, во услови кога се справуваме со климатските промени и сите последици од нив за човекот, живиот свет и животната средина, е незаменливо. Иако во последните децении, особено институциите, во шумите гледаат само економски потенцијал што би можеле да го искористат, сепак, еколошкото значење е многу поважно и поголемо. Тие го спречуваат прегревањето на планетата, создаваат кислород и се дом на многу растителни и животински видови.

Во моментов институциите немаат прецизни податоци колкава површина шума е изгорена, ниту пак, во која состојба се пределите зафатени во летните пожари.

- Advertisement -

Директорката на јавното претпријатие „Национални шуми“, Јулиана Николова, вели дека штетата дополнително ќе се утврдува, но заклучок може да се донесе уште од сега: За санација ќе биде потребно многу, многу долго време!

„Проценките на Шумарскиот факултет велат дека за обнова на изгорени површини треба од 20 до 50 години. Јас сметам дека е пореално да очекуваме дека ќе ни требаат пет децении, отколку две, за да дојдеме до фазата во која се наоѓала шумата која изгорела. Тоа е страшно долг период, што пожарите кои ни се случуваат ги прави катастрофални. Во идниот период ќе следува и проценката на штетите во зависност од видот и намената на дрвото кое изгорело“, вели Николова.

- Advertisement -

Штетата е ненадоместлива со оглед дека се уништени постоечки екосистеми кои, секако, не може да се реставрираат во брзо време, реагираат и екологистите од „Еко Свест“. Тие апелираат да се открие дали шумите се палат намерно, но и да се подобрат можностите за брза реакција и превенција.

„Во период кога се бориме со климатски промени и суша токму екосистемските услуги што ги нудат старите шуми стануваат најважни. Дали шумата е запалена од невнимание или намерно не можеме да знаеме, тоа останува институциите да истражат и да санкцонираат. Меѓутоа, целата ситуација само покажа колку не сме подготвени брзо да реагираме и да се справиме со шумските пожари“, велат од „Еко свест“.

- Advertisement -

(Meta.mk)

(фото: Snappy Goat)

Сподели!
- Advertisement -