ЕУ бара Македонија да одвои повеќе пари за справување со аеро-загадувањето

- Advertisement -

Европската Комисија во најновиот Извештај за реформскиот напредок на земјава за 2021 година јасно потенцира дека Северна Македонија треба да ги зголеми финансиите што се одвојуваат на национално и локално ниво за намалување на загадувањето на воздухот.

„Ограниченото спроведување и ресурсите, слабата меѓусекторска соработка и координацијата помеѓу централните и локалните власти го ограничуваат влијанието на мерките за намалување на аерозагадувањето. Загадувањето на воздухот во поголемите градови останува сериозна грижа“, се наведува во Извештајот на Европската Комисија.

- Advertisement -

По објавувањето на овој документ, од Еко-свест направија краток осврт на Извештајот, наведувајќи дека главната забелешка на ЕУ е во делот на имплементацијата на новата и постоечката регулатива во земјава, која што се однесува генерално за целиот сектор животна средина и клима.

„Извештајот повторно ги нагласува слабото спроведување, недоволната алокација на ресурси, и слабата интерсекторска соработка помеѓу централната и локалната власт како главни причини за слабиот напредок во овој сектор. Подобрата соработка и зголемувањето на финансиите посветени за мерки против загадувањето на воздухот се меѓу трите најважни препораки во целото поглавје 27 за животна средина“, наведуваат од Еко-свест.

- Advertisement -

Во Извештајот на Европската Комисија се посочува дека изминатава година била набавена мониторинг станица за мерење на квалитетот на воздухот во Гевгелија, додека финализирана била замената на мерните инструменти и на веќе постоечката мониторинг станица во Битола.

Од Европската Комисија даваат и признание за надградбата на досегашниот систем за управување со податоците за квалитетот на воздухот на национално ниво, како и за доделената финансиска поддршка од страна на властите за намалување на употребата на фосилни горива, како и за доставувањето на извештаи и податоци за нашата земја до Европската агенција за животна средина.

- Advertisement -

И покрај ова, Европската Комисија заклучува дека Северна Македонија има одредено ниво на подготвеност во областа на животната средина и климатските промени, укажувајќи сепак дека повеќето од препораките кои ги дала во 2020 година не биле спроведени на дело.

Сподели!
- Advertisement -