50 милениумски претприемачи кои ја градат иднината на Европа (1)

- Advertisement -

Замислете колку е важна секоја секунда во случај кога доживувате срцев удар или замислете ги ефектите врз светот доколку целиот би се напојувал на обновлива енергија. Доколку мислевте дека блокчеин технологијата ќе влијае само на финансискиот свет, размислете повторно.

Од технологија која го предвидува срцевиот удар со 92% прецизност до решавање на проблемот со енергија до 2050 година, ова се педесетте стартапи или претприемачи кои ветуваат подобра иднина за Европа и светот.

- Advertisement -

Истите претприемачи ќе бидат претставени на 28 ноември годинава пред Европскиот парламент во склоп на European Innovation Summit каде ќе ги презентираат своите напредно технолошки компании.

Еве ги првите 17.

- Advertisement -

1. BIOO, основан од Хавиер Родригез од Шпанија кој има 20 години 

Станува збор за еколошки стартап кој работи на генерирање енергија од фотосинтезата на растенијата. Нивната мисија е да ги претворат шумите во идни енергетски станици. Хавиер прашува: „Дали знаевте дека можете да го наполните својот паметен телефон со енергија од растение?“

- Advertisement -

2. BIRD CONTROL GROUP на Стејнар Хенскес од Холандија кој има 26 години

Компанијата нуди иновативен производ основан на ласерска технологија кој ги држи птиците подалеку од фарми, аеродроми, институции и други згради или места каде можат да направат штета. Со нивниот производ не само што се спречува штетата која бизнисите можат да ја имаат од птиците, туку и луѓето не ги убиваат птиците за да ја спречат штетата. Поради практичноста на производот, стартапот е признат и од World Wildlife Fund.

3. BLUB BLUB на Митја Мавсар кој е 23 години и доаѓа од Словенија

Митја вели дека дури 40% од децата имаат потреба од професионална помош со говорот и развојот на јазикот. Speech Blubs е моќна апликација која е искористена 150 000 пати за да поттикне звуци или зборови кај малите деца кои доцна го развиваат говорот или кај децата со апраксија, аутизам, Даунов синдром итн. Blub Blub користи гласовна активација и препознавање на лице преку метод со видео моделирање. За само три месеци Мавсар доби 2 000 претплати на апликацијата, а истата ја користат и околу 3 000 детски терапевти и е број еден едукативна апликација во Словенија.

 

4. BLUERISE основана од Беренд Јан Клоите од Холандија кој има 31 година

Стартапот работи на создавање струја преку конверзија на океанската термална енергија која е извор кој уште не е експлоатиран иако е еден од најраспространетите извори на обновлива енергија. Овој вид на енергија ќе игра клучна улога во иднина бидејќи е извор од кој може да се црпи енергија деноноќно. Компанијата моментално имплементира пилот проекти во Куракао, Јамајка, Колумбија, Шри Ланка и Индонезија.

5. BOUND4BLUE од Шпанија

Знаевте ли дека индустријата за бродски транспорт генерира иста количина на CO2 колку и држава која е шестти загадувач по ред во светот? Станува збор за голем еколошки предизвик бидејќи 80% работат на фосилни горива. Стартапот создал технологија со која бродовите ќе заштедуваат 30% од горивото и ќе го намалат загадувањето. Компанијата започнала да работи во инкубаторот на Европската вселенска станица бидејќи технологијата која ја предложиле за бродовите е истата која се користи и во авијацијата. Официјално ќе го пушти произоводот на пазарот во 2018, а веќе се предвидува дека ќе оствари 40 милиони евра приходи во првите пет години.

6. BREEZE TECHNOLOGIES од Германија

Аерозагадувањето ги чини европските економии 1,6 трилиони долари во болести и смртни случаи годишно. Ваквиот вид на загадување убива околу 7 милиони луѓе годишно, а влијае и на продуктивноста на луѓето. Стартапот нуди интегриран систем кој го мери квалитетот на воздухот во реално време и работи со сензори кои се илјада пати поевтини и педесет илјади пати помали отколку стандардните кои ги користи индустријата.

7. BRILL POWER од Велика Британија

Во свет во кој батериите се насекаде, а трошоците за да се направат огромни, клучно е да се добие најмногу што може енергија од една батерија. Brill Power произведе интелигентна футрола за управување со енергијата во батериите и контролирање што овозможува искористување на целиот потенцијал на секоја литиум – јонска ќелија од батеријата. Изумот може да го продолжи траењето на една батерија за 60%.

8. BROOMX TECHNOLOGIES од Шпанија

Дали знаете дека до 2025 година, глобалниот приход од виртуелна реалност ќе биде 80 милијарда долари? Broomx Technologies нуди реалистични 4Д искуства по цена поволна за просечен купувач. Микс од технологија и креативност, уредот MK Player360 им овозможува на корисниците да искусат виртуелна реалност без досегашните уреди како наочари или маски, а истиот ќе може да се користи преку апликација на телефонот. Оваа технологија ќе има огромен ефект на неколку индустрии како здравството, образованието и туризмот.

9. CERA HEALTH од Велика Британија

До 2050 година, една третина од населението на Европа ќе има над 65 години. Cera е платформа која овозможува домашна нега со помош на технологија и цели кон тоа да го трансформира овој пазар наменет за повозрасните. За сега дури 99% од корисниците на платформата изразиле задоволство од услугите. Преку алгоритмите и автоматското закажување кое го нуди платформата, се овозможува дневна нега во рок од 24 часа.

10. CODEBERRY од Унгарија

Се очекува дека до 2020 година, Европа ќе има дефицит за информатичари и програмери од 800 000. И покрај големата побарувачка, голем дел од IT образованието е на англиски јазик, а постојат луѓе кои би научиле програмирање доколку би можеле тоа да го прават на својот мајчин јазик. Codeberry го создава најголемото училиште за програмирање на луѓе од неанглиско говорно подрачје. Освен што функционира како платформа каде може да се научи програмирање, служи и како платформа каде професионалниците после тоа ќе можат да си најдат работа. Моментално имаат 25 000 корисници, а таргетот им е 13 милиони. Очекуваат да придонесат кон раст на бројот на програмери во овие држави од 16 милиони на 24 милиони во наредните четири години, а да се прошират во 20 држави до крајот на следната година.

 

11. CORTI.AI од Данска

Еден од шест пациенти добиваат погрешна дијагноза за својата болест секоја година. Corti е компанија за машинско учење која користи автоматско препознавање на говор за да понуди дијагностичка помош во живо кога пациентот за првпат доаѓа во контакт со брзата помош. Оваа технологија дијагностицирала срцев удар со 95% прецизност во рок од 50 секунди откако бил примен пациентот. Данскиот сервис за ургентна медицина веќе го користи софтверот, а истиот наскоро ќе се користи и во Австралија и САД.

12. CRIAM од Данска

Дали си ја знаете крвната група? Секоја секунда некому во светот му е потреба трансфузија на крв што може да биде проблем во итни ситуации кога може да се искористи само компатибилна крвна група. Тестирањето на крвната група понекогаш одзима многу време. Criam произведоа мобилен медицински уред кој одредува крвна група за само три минути. Уредот користи машинско учење што може да предвидува и болести.

13. EDURIO од Латвиа

Edurio им помага на повеќе од 600 училишта да го мониторираат квалитетот на образованието со длабок фокус на неакадемски индикатори како училишна клима и култура, перцепцијата на студентите и вклученоста на странките. Ова доаѓа како дел од глобалниот тренд образованието базирано на знаење да преминува во образование базирано на вештини. Edurio веќе има регистрации од 9 000 наставници и 85 000 ученици.

14. ENERBRAIN од Италија

40% од енергијата која се користи во светот ја трошат згради. Enerbrain преку своето IoT решение Energy Cloud ги претвора зградите во одржливи со тоа што сензорите на облакот собираат податоци и ја пресметуваат оптималната температура која зградите треба да ја постигнат. Зградите кои започнале да го користат овој систем, ги намалиле сметките за енергија за 30%, а го зголемиле комфорот на станарите.

15. EVA Vision на Петер Ференци кој има 28 години и доаѓа од Унгарија

Eva е асистент со вештачка интелигенција кој им помага на оние кои имаат проблеми со видот. Асистентот препознава објекти, текст и знаци и вербално му ги опишува на корисникот. Дополнително може да одговара на повици, да ви ги чита меиловите или да ви помогне да го пронајдете патот до дома. Стартапот моментално работи на прототипот.

16. EXOVITE од Шпанија

Овој стартап работи на производ кој помага при мускулоскелетни повреди односно преку 3Д скенирање создава слика за тоа каде точно се наоѓа повредата и преку 3Д печатење создава персонализирана лангета за само 5 минути. Лангетата е 75% полесна отколку класичната од гипс, водоотпорна е и направена од материјал кој е комфорен за кожата.

17. FOTOKITE од Швајцарија

Fotokite е производ креиран со помош на аеро роботика кој може да лета над јавен настан, група луѓе, концерт и слично и да овозможува 24 часовно нон стоп видео. Станува збор за технологија понапредна и од дроновите и веќе се користи од неколку институции.

Сподели!
- Advertisement -