Македонската компанија за развој на софтвер „3П Девелопмент“ станува дел од интернационалната технолошка компанија „Инфинум“, која е веќе присутна на повеќе од 15 пазари во светот, а свои канцеларии има во Хрватска, Словенија, САД, а од неодамна и во Велика Британија, Црна Гора и Македонија. По преземањето на „3П Девелопмент“ која делува на пазарот речиси 10 години, планирано е проширување на тимот и зголемување на активностите. Се планира вработување на нови 100 лица. За преземањето и идните активности разговараме со Ѓорѓи Ќосев, директор на „3П Девелопмент“, а отсега директор на „Инфинум“ во земјава:
Деновиве актуелно е преземањето на вашата компанија „3П Девелопмент“, од страна на хрватската ИТ компанија „Инфинум“. Што значи за вас оваа соработка и влезот во едно поголемо „семејство“?
Се наоѓаме во последната фаза од формалниот процес со што нашата компанија „3П Девеломент“ станува дел од „Инфинум“, независна агенција која развива дигитални производи за светски познати клиенти. Нашиот тим од 30 луѓе станува дел од тимот на „Инфинум“ кој брои повеќе од 350 вработени кои работат во повеќе од 10 земји. Она што е додадена вредност за нашиот тим е фактот дека отсега ќе имаме можност да работиме на повеќе пазари, на кои „Инфинум“ е веќе присутна. Ова ќе ни даде можност да работиме на поголеми, покомплексни и поинтересни проекти за некои од најголемите брендови во светот. Придобивка за нас е и можноста за споделување знаење и искуство во еден поголем колектив. Покрај овие придобивки, особено значајно е тоа што во „Инфинум“ видовме партнер кој еднакво се грижи и инвестира во своите вработени. „Инфинум“ е компанија која четири пати го добива признанието „Работодавач на годината во Хрватска“ и сите поволности што „Инфинум“ им ги нуди на своите луѓе на глобално ниво ќе бидат достапни и за нашиот тим во Македонија.
Како дојде до оваа соработка?
Соработката со „Инфинум“ датира од 2017 година кога првпат почнавме да работиме заедно преку „Инфинум Алајанс“, партнерската мрежа на компанијата.
Нашите разговори за аквизицијата започнуваат со една интересна приказна. На почетокот на оваа година, еден од клиентите на „3П“ побара да го зголемиме нашиот тим за развој на мобилни апликации од две на дванаесет лица во период од само два месеци. Имајќи ги предвид нашите капацитети, тоа беше предизвик, па побарав подршка од „Инфинум“ како партнерска компанија со поголем тим во оваа област. Излезе дека и тие имаат потреба од повеќе од 100 луѓе за нивните проекти и ме прашаа како „3П“ може да им помогне да опслужат барем дел од тие потреби. Така започнаа дискусиите за проширување на соработката, која на крајот заврши со аквизиција.
Во 2012 година ја основавте „3П Девелопемент“, кажете ни нешто за вашиот почетен бизнис концепт?
Лично сметам дека со воведување на одредена технологија, најважни се резултатот и подобрувањата кои таа ќе ги донесе во организацијата. Од таа причина, со „3П“ сакав да им помогнеме на малите и средни компании да го развијат својот бизнис и да ги подобрат нивните внатрешни процеси, преку имплементирање на најновите технологии. Оваа идеја беше наша водилка и навистина сме горди што во изминатиот период успеавме да дадеме придонес во развојот на многу мали и средни компании и да бидеме дел од нивните успешни приказни.
Колку во Македонија е возможно еден старт ап да стане силен на пазарот и да може да стане дел од еден поголема групација. Дали вашиот пример е инцидент или веќе пазарот се развива во таа насока?
Имаме исклучителни таленти и ИТ заедница во Македонија која докажа дека има потенцијал за големи работи. Во таа смисла, гледам позитивен тренд на препознавање на нашата работа од страна на поголемите ИТ организации кои често се одлучуваат да инвестираат во нашата земја, било со отворање филијали овде или со преземање на локални компании. Од таа причина, верувам дека нашиот пример не е инцидентен, туку тренд кој ќе продолжи и во иднина. Им порачувам на младите колеги да веруваат во своите идеи, бидејќи во услови на глобализација, можностите се огромни.
Сега сте дел од „Инфунум“ која е присутна на неколку пазари. Какви промени очекувате, а секако и кои се предизвиците?
Нашата најважна цел и предизвик во моментов е успешно да ги интегрираме двете компании, со што ќе се крене функционирањето на тимот на едно повисоко ниво. Станувајќи дел од поголема организација, имаме долгорочни планови кои ќе ги оствариме во следниот период. До февруари очекуваме да се преселиме во нашата нова канцеларија во Бизнис Центарот Настел. Како компанија која е изградена врз основа на споделување на знаење и поддршка на заедницата, следната година започнуваме со реализација на две иницијативи од значење за заедницата. „Инфинум разговори“ (Infinum Talks) ќе започне во првиот квартал на 2022 година, а следното летото планираме да почне со работа и „Инфинум Академија“ во Скопје. Очекуваме дека до крајот на 2022 година нашиот тим ќе порасне на 50 луѓе, а до 2024 година оваа бројка ќе достигне 100. Покрај успешната реализација на нашите проекти, создаваме можности за млади ИТ професионалци на кои им помагаме да се едуцираат и да бидат во тек со потребите на пазарот.
Што ќе им порачате на младите програмери и инженери?
Не престанувајте да инвестирате во вашето знаење. На крајот, наградата ќе дојде.
Подготви: Верица Јорданова