Виталиа се стекна со сертификатот „Фер со потрошувачот“, кој го доделува Организацијата на потрошувачите на Македонија врз доброволна основа. Доделувањето на сертификатот претставува потврда дека Виталиа е ориентирана кон почитување на правата на потрошувачите и дека посветено се грижи за задоволството на потрошувачите во сите области на делување.
„Задоволство ни е да го поздравиме пристапувањето на Виталиа кон процесот на сертификација. Тоа значи дека компанијата во сите наведени области ги исполнила условите и се стекна со сертификат – ФЕР со потрошувачот. Со сертификатот се верификува обврзаноста на Виталиа да негува примерен однос кон потрошувачите, а со тоа да придонесе кон зголемување на нивната доверба и задоволство. Виталиа претставува сертифицирана компанија која ќе биде објавена на веб страната ФЕР со потрошувачот за сертифицирани компании“ изјави претседателката на ОПМ, д-р Маријана Лончар Велкова.
Сертификатот „ФЕР со потрошувачот“ се доделува на компании кои имаат имплементирано јасно дефинирана стратегија за заштита на безбедноста и здравјето на потрошувачите, примена на фер пазарни практики при информирање, рекламирање, означување и склучување договори со потрошувачите, техничка поддршка и решавање поплаки и спорови, кои гарантираат заштита на личните податоци на потрошувачите и нивната приватност,инвестираат во едукација и свесност на потрошувачите и се грижат за влијанието на производите врз животната средина.
„Нашиот најголем успех е задоволството и лојалноста на нашите ценети потрошувачи. „Нашите потрошувачи се наша инспирација“ е мотото на Виталиа од самиот почеток во сите сегменти на работењето. Навистина се радуваме кога потрошувачите ја препознаваат нашата посветеност за задоволување на нивните нутритивни потреби и очекувања. Претставува уште поголема чест кога и институции како што е ОПМ, кои имаат долготрајно искуство во заштита на правата на потрошувачите, ги препознаваат нашите вложувања и вредностите на кои се темели брендот“ – изјави Оливера Ѓорѓиоска, менаџер за продажба за Македонија.
Виталиа останува доследна на својата мисија и визија, повеќе од 27 години создавање здрава храна за здрави генерации.