Светските пазари на капитал денеска во паника поради руската воена акција во Украина, иницирајќи општа распродажба на акциите, додека цените на доларот, златото и нафтата пораснаа. Најширокиот азиско-пацифички берзански индекс на MSCI, без јапонскиот, падна за повеќе од 3,2 отсто, при што австралиските акции паднаа за повеќе од 3,0 отсто, а најликвидните кинески компании за 1,3 отсто.
Токискиот индекс Nikkei потона за 2,4 отсто. Се чини дека падот на акциите од Азија ќе продолжи и денеска на берзите во Европа и во САД, а цените на суровините ќе продолжат нагло да растат, што дополнително ги зголемува ризиците од аспект на инфлација и економски раст.
Акциите на индустриските компании во тргувањето со фјучерси во Њујорк, што го мери индексот Dow Jones, од утринава паднаа за 720 поени или 2,19 отсто, фјучерсите на акциите во кошничката на индексот S&P 500 паднаа за 2,26 отсто, додека вредноста на технолошките берзи компании поврзани на индексот Nasdaq 100 падна за 2,73 отсто, покажуваат најновите податоци на CNBC.
Слично е движењето на акциите на европските пазари на капитал. Фјучерсот на EuroStox 50 и германскиот DAKS потонаа за повеќе од 3,5 отсто во почетокот на тргувањето, додека лондонскиот FTSE падна за 2,0 отсто.
Забележаната нестабилност на берзите беше предизвикана од продлабочувањето на руско-украинскиот конфликт, при што индексот на нестабилност CBOE, кој го мери степенот на страв на Волстрит, во изминатите девет дена скокна за повеќе од 55 отсто.
Геополитичките тензии влијаеја и на приносите на американските обврзници. Приносите на референтните 10-годишни американски обврзници паднаа на 1,8681 отсто од вчерашното ниво од 1,977 отсто. Ќе потонат и приносите на двегодишните должнички хартии од вредност од 1,6 на 1,5 отсто.
Глобалниот пресврт на инвеститорите кон инвестиции во сигурни средства го поттикна скокот на доларот за повеќе од половина процент во однос на кошничката на ривалските валути, на 96,715 поени, додека еврото падна за 0,8 отсто на 1,1220 долари.
Општата распродажба се прошири на пазарите на криптовалути, туркајќи го биткоинот под 35.000 долари за прв пат по неколку месеци.
Од друга страна, денеска, за прв пат од 2014 година, нафтата го надмина нивото од 100 долари за барел, додека со европската нафта „брент“ утринава се тргуваше по цена од 101,93 долари.
За повеќе од 1,7 отсто скокна и вредноста на златото, достигнувајќи го највисокото ниво од почетокот на јануари 2021 година.
(Denar.mk)
(фото: Piqsels)