Цената на суровата нафта се искачи на околу 130 долари за барел, што е највисока сума од 2008 година досега, а е резултат на разговорите за воведување забрана за увоз на нафта од Русија од страна на САД и европските земји.
Ова е рекордна цена и е приближна со цената од јули 2008 година. САД и европските земји минатата недела најавија можна забрана на увозот на нафта од Русија.
Како што изјавија од САД, размислуваат од каде може да се надомести нафтата која ја набавуваат од Русија, особено затоа што четирите земји од кои моментално ОПЕК набавува нафта (Саудиска Арабија, ОАЕ, Кувајт и Ирак) нема да можат да го задоволат потребниот капацитет.
Останува да се види колку земји ќе се приклучат на ембаргото на руската нафта. Од почетокот на 2022 година досега цените на нафтата скокнаа за над 60%, што повлече покачување на цените на многу други производи и се зголемува загриженоста за светскиот економски раст и стагфлација. Кина, која е втора економоска сила во светот, веќе прогнозира послаб раст од 5,5% за годинава.
Аналитичари од Банката на Америка велат дека ако се прекине најголем дел од увозот на нафта од Русија, ќе се создаде недостиг од најмалку 5 млиони барели, а тоа значи дека цените на нафтата може да се покачат од 100 до 200 долари за барел. Аналитичари на JP Morgan, пак, прогнозираат дека цените на нафтата годинава може да се искачат до 185 долари за барел
Експерти од Сингапур, пак, велат дека ако не се намалт рестрикциите за Русија, цените на нафтата ќе достигнат сосема нови рекорди. Според нив, во најлошото сценарио, каде што се воведува целосна забрана на увоз на нафта од Русија, цената на нафтата може да се искачи и над 200 долари за барел.
Русија е најголемиот извозник на сурова нафта и производи од нафта во светот.. Земјата изведува околу 7 милиони барели нафта дневно или 7% од глобалната потрошувачка.
(Reuters)
(фото: Pxfuel)