„Во услови на воена криза и отежнато движење на стоки и услуги што креираше нови услови во меѓународната трговија, како компанија бележиме раст на приходите од продажба на странски пазари од 3,7 отсто. Тоа е навистина оптимистички сигнал, кој ни дава за право да се фокусираме на реализација на нашите планови и покрај пречките кои се реални, а произлегуваат од нестабилноста на пазарите“, вели претседателот на Управниот одбор и главен извршен директор на „Реплек АД“, Душан Пецовски во интервјуто за Фактор.мк, коментирајќи го влијанието на кризата во Украина врз работењето и перформансите на македонските извозни компании.
„Навистина сме горди што и во услови на турбуленции на пазарите предизвикани од здравствената и воената криза успеавме да оствариме раст од 5,7 отсто на приходите од продажба, во споредба со истиот период минатата година. Ова е најголема реализација што компанијата ја остварила во прв квартал од почетокот на нејзиното постoење. Овој факт нѐ радува и е показател дека се движиме во вистински правец“, потенцира Пецовски. Тој објаснува дека за оваа година компанијата си поставила амбициозна цел за зголемување на приходите од продажба за 20%, а оптимизмот за нејзино остварување го темели на новата развојна стратегија на Реплек, со која се предвидува натамошна модернизација на компанија, освежување на портфолиото на производи, зголемување на продуктивноста и ефикасноста и натамошно јакнење на нејзините позиции на постојните и освојување нови пазари. „Дел од таа развојна стратегија е и новиот погон со кој ќе се зголеми обемот на производство, што е важен дел на стратегијата за освојување на нови пазари на што сме фокусирани. Во погонот се вложени над три милиони евра и тој ќе овозможи двојно зголемување на капацитетот за производство на полуцврсти дозажни форми, а за 30 проценти ќе се зголеми и капацитетот за производство на течни дозажни форми. Ќе имаме и нови современи форми на пакување како резултат на новата софистицирана опрема со која располага погонот“, објаснува главниот извршен директор на „Реплек АД“.
Коментирајќи го растот на цените на енергенсите и инфлацијата и нивното влијание врз работењето на компаниите, Пецовски вели: „Растот на цените, особено на енергенсите е навистина загрижувачки, бидејќи значително ги зголемуваат трошоците на производството, а тоа како домино ефект врши притисок врз крајните цени на производите. Дополнително, сево ова влијае и на стабилноста на странските валути, што директно нѐ тангира како извозно ориентирана компанија. Но, ситуацијата која е полна со предизвици мора да ја прифатиме како реалност и да ја менаџираме“.
Во делот на прогнозите за промените и перспективите за развојот на светската економија и ризиците што тие промени ги носат за македонските извозни компании, Пецовски е дециден дека во услови на голема неизвесност и брзи промени во светски рамки кои значително влијаат на пазарните движења, од клучно значење за македонските компании е нивната флексибилност и подготвеност за воведување брзи промени во своето работење.
Во интервјуто тој се осврнува и на создавањето поволна бизнис клима во земјата за која вели дека е континуирана обврска и одговорност на сите чинители во општеството, почнувајќи од државните институции, правосудните органи, граѓаните и нивните организации и секако на самиот бизнис сектор. „За подобрување на бизнис климата од исклучително значење е тесната соработка помеѓу приватниот и јавниот сектор. Само преку дијалог помеѓу овие два чинители може да се донесат вистински решенија од кои ќе произлезат придобивки и за приватниот и за јавниот сектор“, заклучува претседателот на Управниот одбор и главен извршен директор на „Реплек АД“, Душан Пецовски во интервјуто за порталот „Фактор“.