Македонската компанија BtoBet, дел од групацијата Aspire Global, се стекна со меѓународниот GLI-33 “Events Wagering System” сертификат за својата платформа за спортско обложување. Сертификатот кој инаку го доделува независната Gaming Laboratories International, претставува глобално прифатен стандард за технологија од аспект на усогласеност со различните пазари и предуслов за влез во истите, и ќе му овозможи на BtoBet широко лансирање на својата платформа во Северна Америка.
„Стекнувањето на GLI-33 сертификатот е уште една значајна пресвртница за компанијата и доказ за техничкиот капацитет на платформата која BtoBet ја нуди. Овој важен чекор ќе ни овозможи да пласираме врвно технолошко решение на северноамериканскиот пазар, што ќе ни даде цврста основа за постигнување на стратешката цел за освојување нови пазари и поттикнување на компанискиот раст“, изјави оперативниот извршен директор на BtoBet, Дима Ридерман.
Според главниот извршен директор на Aspire Global, Тсахи Маимон, сертифицирањето ќе го забрза влезот во оние држави во САД каде спортското обложување е легализирано или е во процес на регулација.
„Сертифицирањето на платформата за спортско обложување на BtoBet со светскиот GLI-33 следи веднаш по неодамнешното стекнување на стандардот за сертификација GLI-19 од страна на Aspire Global. Имаме водечка позиција на регулираниот европски и латиноамерикански пазар, а стекнувањето со овој сертификат ќе ни овозможи да станеме лидер и на брзорастечкиот пазар во Северна Америка“, изјави Маимон, додавајќи дека постигнатиот успех се должи на комплетната, квалитетна и атрактивна понуда на компанијата која ги содржи сите релевантни производи за “iGaming” операторите.
Покрај многуте цели на поставените технички процеси, GLI-33 сертификацијата создава стандард кој гарантира дека обложувањето за играчите е правично, безбедно и функционално. Независната компанија Gaming Laboratories International, обезбедува тестирање, сертификација и професионални услуги од светска класа за глобалната индустрија за игри.