Денеска во Битола се отвори Младинскиот центар – МладиХаб, кој е предвиден да служи како простор за работа, вмрежување и организирање на активности што бесплатно ќе им стои на располагање на младите во регионот.Младинскиот центар се отвори во рамки на проектот „МладиХаб – градење вештини за вработување, компетенции и можности за вмрежување на младите“ финансиран од Британската амбасада во Скопје и спроведуван од Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) во соработка со CEED Hub Скопје.
„Општина Битола ќе ја исполни својата законска обврска и ќе распише повик за избор на младинска организација или организација за млади која ќе продолжи да раководи со овој младински центар, во согласност со Законот за младинско учество и младински политики. На овој начин општината ќе обезбеди простор каде ќе се подготвуваат и спроведуваат програми кои ќе ја подобруваат благосостојбата на младите, развојот на личниот, социјалниот и професионалниот живот на младите, информации од важен интерес за младите и други аспекти од животот на младите”, изјави Тони Коњановски, градоначалник на Општина Битола.
На отворањето присуствуваа млади лица од општината и регионот, кои имаа можност да се запознаат со претставници од различни компании и организации и со нив да разговараат за можностите и отворените позиции кои ги имаат во моментот.
„Младите имаат органичени можности да учат и да ги практикуваат своите вештини во реалноста. Ним им требаат можности да се ангажираат со компаниите и бизнисите во почетокот на нивниот работен век за да можат да стекнат искуство во реалниот свет. Британската амбасада ги поддржува локалните организации во отворањето на повеќе можности за младите, поддржувајќи ги нивните вештини и можности за стекнување практично искуство. Целта на оваа поддршка е да се вгради систем кој им обезбедува на младите вештини и компетенции кои ќе им помогнат да најдат вработување и да постигнат сопствена економска независност“, посочи Рејчел Галовеј, амбасадорка на Обединетото Кралство во земјава.
Инаку, канцеларијата на МладиХаб во Скопје функционира повеќе од 2 години и секојдневно се користи од страна на младите како простор за организирање на состаноци, средби, работилници и настани.
Неодамна беше отворена и првата регионална канцеларија во Штип.
„Со овој простор сакаме да обезбедиме одржливи ресурси за континуирана поддршка на младите во секоја сфера од нивниот живот. Ваквите резултати се единствено возможни со заедничко залагање на сите засегнати страни, локалните младински организации, општините но и донаторската заедница, и верувам дека сите вклучени во процесот на воспоставување на овој центар ќе продолжиме со поддршката и ќе овозможиме поголем број на активности за поддршка на младите”, изјави Мариана Ангелова, Генерален секретар на НМСМ.
(Meta.mk)