Јуниор ачивмент Македонија денеска во Струга организира Национален натпревар на ученички компании, настан на кој учениците од средните училишта од државава ги презентираат производите и услугите кои ги развивале во рамките на својата ученичка компанија пред жири комисија и публика.
На натпреварот ќе учествуваат 20 ученички компании од 13 средни училишта од Берово, Битола, Виница, Велес, Гостивар, Прилеп, Кочани и Скопје. Во рамките на натпреварот учениците предводени од одговорниот наставник имаат можност да презентираат што сработиле во текот на учебната година на штандовите кои се поставени на самото шеталиште пред хотелот Дрим во Струга.
Националниот натпревар за најдобра ученичка компанија е тридневен настан на кој учениците од средните училишта во земјата, заедно со нивните наставници ментори, ќе ги претстават своите ученички компании, како и своите производи и/или услуги. Програмата насловена Ученичка компанија е изборна образовна програма која им овозможува на учениците да бидат вклучени во развојот и менаџирањето на сопствените компании, да развиваат производи и услуги и да управуваат со заработувачката на пари уште пред да го завршат средното образование. Програмата се заснова на принципот на учење преку работа – учениците преку наставната програма, под надзор на обучени менторски наставници, создаваат компанија, ја развиваат и затвораат во текот на учебната година, велат од Јуниор ачивмент Македонија.
Во поладневниот дел за време на церемонијата за прогласување на победници која ќе се одржи во конгресната сала на хотелот Дрим, на присутните ќе им се обратат вршителот на должност директор на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) во земјава, Џејмс Стајн, министерот за образование и наука Јетон Шаќири и директоторот на Фондот за иновации и технолошки развој, Фестим Халили.
Натпреварот е поддржан од УСАИД и Фондот за иновации и технолошки развој и потпомогнат од Агенцијата за поддршка на претприемништвото, Пакомак, Националниот младински совет на Македонија, ГДИ, Семос едукација и Бизнис академија Смилевски, а го организира Јуниор ачивмент Македонија.
С Македонија е член на светската мрежа Junior Achievement Worldwide која е основана во 1919 година и денес е присутна во повеќе од 120 земји. Оваа мрежа спроведува програми за претприемничко образование и финансиска писменост кои секоја година ги посетуваат повеќе од 10 милиони луѓе.са/мд/n6{m8