Месната индустрија најавува поскапувања и отпуштање на работници!

- Advertisement -

Месната индустрија бара итна средба со Вицепремиерот за економски прашања за да ги достават и повторно ги образложат барањата за продолжување на мерката за ослободување на царината за замрзнато свинско месо, наменето за преработка. Во спротивно на краток рок (2 до 3 недели во зависност од тековните залихи) прво, следи нов ценовен шок од 20 до 30 % зголемување на цените на месните преработки од свинско месо, второ, намалување на бројот на вработени за исто така 20 до 30%, а на подолг рок, зголемување на увозот и престанок со работа на некои од месопреработувачките капацитети.

Оваа индустрија, со важечките царински давачки, е ставена во нерамноправна положба со странските производители, пред сѐ, оние од соседството, но и од ЕУ. Готовите производи од надвор, влегуваат во земјата со 0% царина, а домашните преработувачи при увоз на суровина, плаќаат царина во висина од 20 до 35%. Ова уште повеќе ќе биде нагласено со функционирањето на Отворен Балкан. Во такви услови, ќе дојде до затворање на домашните капацитети или евентуално селење на производството во соседството, беше истакнато на денешната прес-конференција во Стопанската комора на Северна Макеедонија.

- Advertisement -

Претставниците на компаниите велат дека се подготвени уште еднаш да ги презентираат своите аргументи на итната средба со надлежните, пред сѐ со Вице приемиерот задолжен за економски прашања, и последиците кои ќе произлезат од отсуството на мерката за ослободување на царинската давачка на замрзнато свинско месо наменето за преработка.

На производството на свинско месо и неговите преработки силно влијание имаат последиците од африканската свинска чума и ограничувањата на извозот на животни, како и пандемијата предизвикана од Ковид-19, што доведе до раст на цените на светските берзи на свинското месо, до логистички ограничувања, како и до затварање на кланиците, рестораните и услугите за храна, што предизвика негативно влијание на сите алки во синџирот на снабдување. Имено, зголемените цени на суровините и енергенсите, и ценовните притисоци предизвикани од истите, доведоа до предвидување за раст на инфлацијата од 5,7% во 2022 година, во развиените економии, и околу 8,7% во економиите во развој. Воениот конфликт помеѓу Русија и Украина, кои се нето извознички на земјоделски производи и играат клучна улога во синџирите на снабдување, резултира во глобален јаз на понудата и раст на меѓународните цени на храна и добиточна храна, над веќе покачените нивоа, што секако ќе се одрази врз цените на месото и преработките од месо, како и на количините кои се произведуваат. Светска банка проектира раст на цените на земјоделските производи од 18% во 2022 година, што ќе влијае на производството и снабдувањето со храна, што може да предизвика потреба од меѓународна помош на подолг период. Во 2022 година, цените на свинското месо го забележаа најсилниот месечен пораст од 1995 година поради недостиг на понуда на свињи за колење во Западна Европа, а во Германија, која е еден од двата најголеми европски производители на свинско месо, цената ја надмина бариерата од 2.000 УСД за тон.

- Advertisement -

Домашните компании, покрај зголемените цени на суровини и репроматеријали на светските берзи, се соочуваат и со неизвесност и постојани промени на пазарот, раст на цената на енергенси и електрична енергија за 100%, раст на трошоците за транспорт и складирање, логистички ограничувања и сл. На домашниот пазар влегува готов производ (пред сѐ, од земјите на ЦЕФТА) со 0%, царина, замрзнатото свинско месо како суровина (кое не се произведува кај нас), и натаму подлежи на царински давачки. Поскапувањето на суровините ќе доведе до поскапување на цената на чинење на нашите производи.

Покрај тоа што домашните компании се обидуваат да бидат конкурентни на домашниот пазар, дури и по цена на намалена маржа за да се одржи цената на производите, што индиректно води и до притисок врз цените на конкурентските производи од странство, кога ќе се помине прагот на исплатливост, неминовно е да се зголемат цените на производите.

- Advertisement -

Во 2021 година производството на свинско месо во Република Северна Македонија изнесуваше 15.578 тони, но истите и понатаму не ги задоволуваат потребите на домашните производители на преработки од свинско месо. Во 2021 година увезени се 18.137 тони свинско месо и преработки од свинско месо, а извезени се 4.491 тони, додека во делот на преработките од свинско месо реализиран е увоз од 5.761 тони, а извоз од 4.481 тони, односно за 1.280 тони увозот е поголем од извозот, што значи дека постои дефицит и кај количините на преработки од свинско месо. Во вредност, во 2021 година, реализиран е увоз од 17,2 милиони евра, а извозот од државата е во износ од 13,2 милиони евра, односно реализирано е негативно трговско салдо – дефицит во износ, од близу 4 милиони евра. Кај категоријата преработки од свинско месо, покриеноста на увозот со извоз во 2021 година, е на ниво од околу 77%.

Доминантниот извоз се должи на преработките од свинско месо, додека свежо разладено или смрзнато свинско месо, речиси и да не се извезува. Доминантниот увоз на свинско месо и негови преработки доаѓа од земјите членки на Европската унија: Германија, Полска, Шпанија, Унгарија, Холандија, Австрија, Белгија, Португалија, Словенија, Грција и Хрватска, а од регионот регистриран е увоз во поголеми количини единствено од Србија, а во помали вредности и од Босна и Херцеговина и Црна Гора. Во делот на извозот на свинско месо и преработки на свинско месо од државата, истиот е концентриран во најтесниот регион и тоа во само четири држави: Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово.

Целосна анализа на Стопанската Комора

Сподели!
- Advertisement -