Апликацијата „Бебо“ им дава стручни совети на родителите за здравјето на децата

- Advertisement -

УНИЦЕФ заедно со претставници на неколку министерства, денеска ја претстави првата мобилна апликација „Бебо“ („Bebbo“) која е наменета за родители и сите што се грижат за деца на возраст од 0 до 6 години. На настанот имаше и дискусија за тоа како да се зајакнат услугите за поддршка на родителите и стратателите за да можат да им обезбедат на децата најдобар почеток во животот.

„Една од најтешките професии во светот е да се биде родител. Сите родители имаат потреба од поддршка, некои повеќе од другите. Неопходно е да инвестираме во програми и политики, за родителите да можат да посветат повеќе време на своите деца, да добијат поголема поддршка за да станат умешни во родителството”, рече Патриција ДиЏовани, претставничка на УНИЦЕФ.

- Advertisement -

Програмите за родители – кои опфаќаат едукативни програми, служби за домашна посета, телефонски линии за помош, услуги на ниво на заедницата и дигитални алатки – им ја даваат на родителите неопходната поддршка со практични совети и насоки за позитивно родителство и поттикнувачка грижа, како и поддршка на нивното ментално здравје и благосостојба. Bebbo е дополнителна алатка што ги води родителите и старателите низ сложениот пат на родителството.

Оваа апликација ја изработи Регионалната канцеларија на УНИЦЕФ за Европа и Средна Азија за да обезбеди стручни совети за широк спектар теми поврзани со здравјето и развојот на децата, од исхраната и доењето до раното учење и вредноста на играта, проактивното родителство, заштитата на децата и нивната безбедност. Исто така, вклучува конкретни упатства за родителите и старателите за тоа како да се грижат за сопствената благосостојба.

- Advertisement -

Патронажните сестри, семејните лекари, воспитувачките од градинките, социјалните работници и други експерти се придружија кон дискусијата со фокус на подобрување на меѓусекторската соработка и јакнење на капацитетите и вештините на професионалците за да дадат поддршка на позитивно и проактивно родителство. Средбата претставуваше и можност за оние што работат директно со родители, да се запознаат со „Бебо“ како дополнителен ресурс во нивната работа. Препораките од дискусиите ќе придонесат во подготовките на националната Стратегија за родителство и во зајакнувањето на постоечките програми и услуги за родители.

„Бебо“ може да се симне од Google play и на App Store, на македонски и на албански јазик.

- Advertisement -

(Meta.mk)

(фото: МТСП)

Сподели!
- Advertisement -