„Бостание” е првата и единствена општествена градина во Скопје. Ова место, во Ново Лисиче, во Општината Аеродром е место каде секој може да посади своја градина и да ужива во зеленилото. Урбаното градинарство е тренд во градовите низ светот, но производството на храна не е единствената цел. Претворање на јавните површини во градовите во градини и споделувањето на искуствата и одговорностите на луѓето им нуди и дружби и зближување.
Александар Николовски, еден од градинарите и член на Зелената Арка вели дека целта не им е само да произведат храна, туку и да се дружат, да едуцираат и да инспирираат и други да започнат со вакви проекти.
Разговараше – Сања Наумовска
Александар, објасни ни го уникатниот концепт на Бостание.
Бостание е општествена градина која на граѓаните им нуди простор заеднички да градинарат, а истовремено да се запознаваат и да се дружат. Има површина од 3.000 квадратни метри и се наоѓа во општината Аеродром. Ова е место каде во урбана средина се произведува храна, се одржуваат контакти, се споделуваат знаења, идеи и нови предизвици. Во Бостание речиси сите минати и сегашни градинари остануваат во контакт, доаѓаат да не посетат, што значи дека сме успеале да обезбедиме пријатно место кое нуди убаво поминато време. Истовремено, градината е место каде работиме на зачувување на биодиверзитеотот во урбана средина. Особено се грижиме за пчелите и инсектите, а направивме и езерце, бидејќи сакаме да го зголемиме бројот на видови кои се сретнуваат кај нас. Во иднина можеби ќе имаме и риби и кокошки.
Во Бостание се трудиме и постојано да ги едуцираме најмладите. За нив организираме посети од градинките и училиштата, одржуваме и работилници на различни теми. Тука се случуваат и културни настани како концерти или проектирање на филмови, а во иднина ќе организираме и подготовка на храна. Имаме многу планови, а целта ни е градината да живее и да привлекува што повеќе луѓе.
Како дојдовте до идеја да организирате општествена, заедничка градина?
Ваков тип на градини постојат во многу големи градови низ светот, а концептот е познат и добро функционира насекаде. Нашето здружение Зелената арка постои од 2007 година и првата градина „Еко парк“ ја направи во 2008 година со сличен концепт, а втората во социјалниот центар Надеж во Шуто Оризари. Искуството со нив ни помогна кога стартувавме со Бостание полесно да ги поминеме административните барања и точно да знаеме каков концепт на градина сакаме да имплементираме. Бостание е отворена пред три години, во соработка со Градот Скопје. Од вкупно 3.000 квадратни метри, половината од просторот е парцијализиран во градини, а половината е заеднички простор. Во целиот процес на изградба учествуваа и граѓаните-градинари, а и сега заедно со нив работиме на одржувањето.
Што се одгледува во Бостание? Колку градинари имате?
Се одгледува секаков вид зеленчук, најчесто домат, пиперки, тиквици, но и модри домати, бамји, зелка, рукола, грашок, компир, сончоглед, тикви… па и поегзотични овошја како перуанска јагода. Имаме засадено и зачински билки како нане, оригано, мајчина душичка, лаванда, босилек…
Градината е организирана во седум сектори со по четири парцели од по 50 квадратни метри, кои првично беа наменети за еден градинар. Како изминуваше времето сфативме дека за некои градинари се многу, па сега и тие се поделени три помали леи од по 14 квадратни метри. На тој начин го зголемивме и бројот на градинари.
Што се однесува до нив, нема временско ограничување колку еден градинар може да работи во Бостание. Некои се задржуваат подолго, некои заминуваат по една сезона. Имаме листа на чекање од која се пополнува секое празно место. Начелно, за секоја сезона треба одново да се аплицира, но нема ограничување ако некој градинарел дека не може пак да аплицира. Во овој момент имаме повеќе од 55 доделени парцели или околу стотина градинари, но ги охрабрувам сите кој се заинтересирани за заедничко градинарење да се пријават на следниот линк https://bit.ly/prijavabostanie.
Какво е вашето искуство досега, дали Бостание, а и Скопјани како одговорни градинари и екологисти, ги оправдаа очекувањата?
Можеме да кажеме дека Скопјани се одлични градинари, посветени на градината. Сезоната во моментов е во полн ек и сите парцели се засадени. Многу луѓе се заинтересирани да градинарат, работата со растенијата, земјата и водата опушта и го намалува стресот, нуди физичка активност, време поминато на отворено, но и задоволство да гледаш како од твојот труд се раѓа производ.
Немаме ограничувања за градинарите што смеат, а што не смеат да огледуваат, само избегнуваме монокултури. Забранета е употребата на пестициди и други хемикалии и се користат само природни, одобрени препарати, што значи сите продукти произведени овде се природни и чисти. Од годинава започнавме со сопствено производство на расад од автохтони сорти кои ги складираме и одгледуваме во куќарка/расадник која ни да даде Градот Скопје. Сметаме дека ова е една многу важна активност, бидејќи не смееме да дозволиме да ги изгубиме семињата, особено старите. Долгорочна цел во градината ни е да бидеме семенски независни.
Какви се вашите планови за во иднина, планирате ли да отворите уште некоја урбана градина?
Засега сме насочени кон развојот на Бостание и сите активности и настани кои планираме да се случуваат тука. Можеме да кажеме дека градината во третата година од постоењето станува онаква како што замислувавме, со тоа што сакаме и понатаму да ја развиваме. Планираме да се продлабочува едукативниот момент и соработката со градинките, културните настани, сакаме да споделуваме знаења и да ги охрабриме сите кои ќе преземат иницијатива да формираат ваква градина.