Иако е една од најбогатите земји во светот, Швајцарија со нејзината зависност од рускиот гас и француската нуклеарна енергија ѝ се заканува недостиг на електрична енергија во претстојната зима и рестрикции во снабдувањето, пишува Радио Франс Интернешенл.
Стотиците хидроелектрани во Швајцарија обезбедуваат доволно количества на струја за земјата во текот на летните месеци, но оваа алпска земја во зимата е принудена да се пренасочи кон увоз. Ситуацијата е особено несигурна, бидејќи Швајцарија нема сопствени складишта за природен гас.
Во делот на увозот на струја, Швајцарија вообичаено досега се снабдувала од Германија и Франција. Сепак, земајќи ја во предвид актуелната зависност од руски гас на Германија и претпазливоста на оваа земја за сопственото снабдување со струја во зимава, не постои сигурност дека ќе може Швајцарија зимава да увезува струја од Германија.
Дополнително, увозот на струја од Франција е исто така проблематичен, бидејќи Франција беше принудена да го сопре производството на половина од своите нуклеарни реактори поради проблеми со нивното одржување, што исто така го намали севкупното производство на електрична енергија во земјата.
Швајцарските власти во моментов работат на изградба на нови системи за складирање и енергетски капацитети, но дури и најавеното отворање на нова моќна хидроелектрана наредниот месец, нема да биде доволно за да се решат проблемите со обезбедување на доволно количества на струја.
Официјален Берн ги предупреди граѓаните да не се преувеличуваат ризиците, но исто така призна дека земјата се подготвува за недостиг на електрична енергија, при што шефот на Федералната комисија за електрична енергија, Вернер Лугинбул, предупреди на повторени, повеќечасовни прекини на струја во Швајцарија.
И српскиот весник Данас денеска предупреди дека во Србија веќе се прават планови за рестрикции на електрична енергија за претстојнава зима, информирајќи дека на земјата во текот на зимата ќе ѝ недостигаат околу 500 мегавати струја на час. Засега српските енергетски компании не сакаат јавно да зборуваат да потврдат дека се подготвуваат планови за рестрикции, демантирајќи дека во нивните планови за работа се предвидени вакви ограничувања. Но, српскиот претседател Александар Вучиќ вчера најави дека и земји како Велика Британија и Финска најавуваат исклучувања на струја.
Извор – Мета