Меѓународната организација на трудот го објави својот официјален извештај за ситуацијата на пазарот на труд. Имено, вработувањето ширум светот значително ќе забави во текот на 2023 година поради еколошките последиц на војната во Украина, високата инфлација и строгите монетарни политики.
Извештајот го покрива обемот и последиците на пореметувањата на пазарот на труд предизвикани од преклопувањето на економските и геополитичките кризи и ги анализира глобалните трендови, регионалните разлики и исходите меѓу групите работници.
Посебно внимание се посветува на влијанието на различните кризи врз продуктивноста, квалитетот на работата и можноста за вработување и како овие трендови ризикуваат да ја поткопаат социјалната правда ширум светот.
Во 2023 година Меѓународната организација на трудот очекува раст на вработеноста од само 1%, со што се намалува досегашната проценка за половина процентен бод. Бројот на невработени треба во новата година да порасне за 3 милиони, на 208 милиони, а инфлацијата ќе ги нагризе реалните плати, се вели во извештајот за глобалните трендови.
Поради бавниот раст на бројот на вработени во светот не очекуваме надомест на загубите од КОВИД кризата пред 2025 година, вели Ричард Саманс, директор на истражувачкиот сектор при организацијата за труд и координатор на извештајот. Ситуацијата би можела уште повеќе да се влоши ако дополнително забави глобалната економија, напоменуваат од организацијата.
(Bizlife)
(фото: Pxhere)