Создавачот на популарниот „чет-бот“ ChatGPT лансираше нова софтверска алатка, класификатор кој определува дали текстот е напишан од човек или од вештачка интелигенција (ВИ).
Компанијата „OpenAI“ која стои зад ChatGPT вчера во објава ја линкуваше новата алатката. Со помош на овој класификатор освен текстови пишувани од ChtaGPT ќе може да се идентификуваат и текстови пишувани од други алатки за ВИ.
Истражувачите од компанијата изјавиле дека иако е невозможно со сигурност да се открие дали целиот текст е напишан со помош на ВИ, сепак добрите класификатори може да препознаат знаци на ВИ по што ќе дадат резултат. Софтверската алатка би можела да биде корисна во случаи кога ВИ се злоупотребува за пишување академски трудови или било какви текстови генерирани со ВИ на кои се потпишуваат луѓе.
„Колку е подолг текстот толку е поверојатно дека класификаторот ќе даде сигурни резултати. Споредено со претходниот класификатор, новиов треба да е многу посигурен“, изјавиле од компанијата.
Откако беше лансирана ChatGPT предизвика грижи во јавноста и јавните образовни институции дека може да ги води учениците да мамат на тестови или задачи.
Покрај тоа, претходната недела неколку научни списанија ставија забрана алатката ChatGPT да се потпишува како ко-автор на научни студии.
Извор – Радио МОФ
Фото – Wikimedia