Градот Загреб донираше вкупно 100.000 евра за понатамошен развој на шест најуспешни стартапи кои произлегоа од инкубаторот на градот Startup Factory Zagreb, пишува Poslovni Dnevnik.
Три од овие стартапи целат кон унапредување на јавниот превоз во градот. Тоа се Flow, стартап кој преку cloud систем ќе управува со крстосниците во градот, потоа Hubbig, cloud систем за интермодуларен превоз и Pickup Solutions, стартап кој развива паметна кошничка за физичко пазарење.
Два стартапи имаат решенија кои се однесуваат на туризмот: сервис за градски, културни содржини наречен Divan и стартапот Trakbar кој развива паметен помошник за управување на кафулињата. Покрај нив се наоѓа и стартапот Modulos кој развива модуларен мебел.
Фране Шешниќ, директор на Развојната агенција на Загреб, која стои позади Startup Factory Zagreb, изјави дека е задоволен што втората генерација на стартапи кои произлегле од инкубаторот е побројна од минатата година. Тој ги повика останатите десет стартапи од програмата да продолжат со развој на своите решенија, а инкубаторот ќе продолжи да ја унапредува програмата.
Заменик градоначалничката Оливера Мајиќ нагласи дека градот е посветен на развивање на својот стартап екосистем, а претприемништвото и иновациите се показател за развојот на секој град.