Михаил Матески, Гринтех: 5.000 тони пластични шишиња ги претвораме во успешен бизнис

- Advertisement -

Компанијата „Гринтех Мк“, лидер во Македонија во рециклирање пластика, е дел од „Грин група“, најголемата групација за рециклирање пластика во Југоисточна Европа. Во Романија групацијата постои од 2002 година, во Србија од 2005 година, а во Македонија од 2007 година. Од април 2012 година Европската Банка за обнова и развој (ЕБРД) е косопственик на 25 проценти од капиталот на „Грин груп“ со што започна новото поглавје во работата на групацијата и нов инвестиционен циклус во фабриките во регионот.

Михаил Матески, првиот човек на „Грин група“, во интервју за inovativnost.mk зборува за одржливото користење пластика во земјата, начините за зголемување на селектирањето и рециклирањето, како и за идните планови и инвестиции на групацијата во Македонија и во регионот.

 

  • Г-дин Матески, вашата компанија „Гринтех Мк“, која е дел од регионалната „Грин група“, е лидер во рециклирањето пластика во земјава. Каква е позицијата на Македонија во однос на селекцијата и рециклирањето, споредено со земјите од регионот?

Според податоци со кои располагаме, во однос на процентите на рециклирање ПЕТ шишиња, Македонија е меѓу водечките земји во регионот со 40-50 проценти. Слично е нивото на рециклирање во Романија, 45 проценти и Бугарија, 40 проценти. Следи Србија со 35 проценти, Албанија со 25-30 проценти, додека БиХ, Косово и Црна Гора заостануваат со 20-25 проценти рециклирана ПЕТ пластика. Рекордер во регионот е Хрватска со 70-80 проценти рециклирана ПЕТ амбалажа и тој резултат се должи исклучиво на системот на собирање ПЕТ шишиња со кауција, кој од земјите во регионот го применува единствено Хрватска.

- Advertisement -

Солидниот резултат на Македонија во регионални рамки се должи на големиот број на неформални собирачи кои својата егзистенција ја обезбедуваат преку собирање ПЕТ шишиња и останати секундарни суровини. За жал количините на селектирана пластика од страна на граѓаните/домаќинствата во Македонија се мали и според наши проценки се помалку од 10 проценти од вкупно собраните количини.

  • Колкави количини пластика рециклира „Гринтех“ во Македонија и од каде се набавува пластиката?

„Гринтех“ рециклира 400-500 тони отпадна пластика на месечно ниво. Отпадната пластика се набавува од целата територија на Република Македонија, како и од соседните држави Албанија, Косово и Црна Гора.

- Advertisement -
  • Каква пластика рециклирате?

Во „Гринтех“ рециклираме ПЕТ шишиња, полиетиленска термособирачка и стреч фолија, дуван, екструдиран и бризган полиетилен со висока густина и бризган полипропилен.

  • Дали целата селектирана пластика од Македонија завршува во вашата фабрика?

Според нашите проценки во фабриката на „Гринтех“ завршува околу 30-40 проценти од собраната пластика во Македонија и претставуваме лидер на пазарот во земјата. Останатите количини се рециклираат во уште неколку претпријатија кои исто така се занимаваат со оваа дејност.

- Advertisement -
  • Кои се крајните продукти кои излегуваат од „Гринтех“ во Македонија, а кои од другите фабрики на „Грин група“ во регионот?

„Грин група“ е најголем рециклатор на пластика во Источна Европа со вкупен капацитет на преработка од преку 100.000 тони на годишно ниво. Централата и најголемиот дел од фабриките на „Грин груп“ се наоѓаат во Романија. Финални производи на „Гринтех Мк“ се гранулати од полиетилен и полипропилен. Тие наоѓаат примена во производство на нови производи како кеси, вреќи и фолии за пакување, гајби за пакување различни производи, цевки за вода, наводнување и канализација, црева за електрика и др.

Во фабриката во Србија се произведува ПЕТ флекс и гранулат од полиетилен. Во фабриките во Романија се произведуваат ПЕТ флекс, ПЕТ влакно, ПЕТ трака за пакување, Р-ПЕТ гранулат и ПЕТ фолија. Овие производи имаат примена во прехранбената, текстилната, градежната, автомобилската и индустријата за мебел.

  • Каква е иднината на селектирањето и рециклирањето во Македонија, што му недостасува на системот, дали граѓаните се доволно вклучени?

Сегашното ниво на селекција на отпадна пластика од страна на граѓаните е на ниско и незадоволително ниво. Вообичаено ниво на селекција на отпадна пластика во земјите членки на ЕУ е преку 50 проценти, додека кај нас се сведува на само неколку проценти. На нашиот систем најмногу му недостасува инфаструктура за селекција на отпад (контејнери и канти), кампањи за едукација на граѓаните за важност на селекција на отпадот, како и построга контрола и регулирање на движењето на собраната пластика. Во сегашните услови системот на собирање отпадна пластика се базира најмногу на количините кои ги собира неформалниот сектор (индивидуалните собирачи), додека домаќинствата и комуналните претпријатија се само делумно вклучени. Тоа мора да се менува доколку сакаме да имаме развиена селекција на отпадот во склад со ЕУ нормите и почиста животна средина. За успех неопходно е да се вклучат подеднакво и Министерството за животна средина, локалните самоуправи преку комуналните и приватни претпријатија, производителите преку оператерите на системот и секако граѓаните на Македонија.

  • Како општествено одговорна компанија какви активности преземате во зголемувањето на свеста за важноста на селектирањето и рециклирањето?

Како општествено одговорна компанија „Гринтех“ е редовен учесник на кампањи за подигнување на еколошката свест кај нашите најмлади граѓани, учениците од основните училишта, за значењето на селектирањето пластика и останатиот отпад од пакување. На учениците им овозможуваме посети на нашата фабрика и ги едуцираме за сите бенефити кои селектирањето отпад од пакување ги носи: еколошки, социјални и економски. Воедно, децата се најдоборите промотери за заштита на животната средина. За својот придонес во заштитата на животната средина, во 2009 година од градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски „Гринтех“ доби плакета за најеколошка компанија.

  • Како ја гледате блиската и подалечната иднина на вашата компанија, имате ли планови за инвестиции и проширување на капацитетите или на дејноста во Македонија?

„Грин група“ во првиот квартал од 2017 година отвара четврта фабрика за ПЕТ влакно во Романија, со што ќе го подигне капацитетот на преработка и финализација на 150.000 тони годишно. На тој начин ќе станеме најголем рециклатор и производител на производи од ПЕТ во Европа.

Во однос на „Гринтех“ во Македонија, за 2017 планираме зголемување на количините на откупени ПЕТ шишиња од домашниот пазар и од увоз за 20-30 отсто. Исто така, планираме проширување на активностите во собирање на други типови на отпад од пакување, како АЛ-лименки и стакло.

Долгорочните планови за „Гринтех“ се да ја одржи и додатно зацврсне позицијата на лидер во рециклажа на пластика во Македонија, со фокус на развој на собирањето и инвестиции во инфраструктура потребна за исполнување на таа цел.

Сподели!
- Advertisement -