Боите на виното се од растителни екстракти и се сосема природни, а што е најважно немаат вкус и мирис, туку се потполно неутрални, вели Влатко Тасев е творецот на првото сино и зелено вино кај нас
Македонист по професија, винар во слободното време, Влатко Тасев, светскиот тренд, да се размислува надвор од конвенционалното, на голема врата го донесе и во Македонија. Поместувањето на границите преку иновативно размислување, станува задолжително и кај нас, особено кога се работи за вкусовите. Резултат на тоа се и вината на Тасев, потполно природни, но со различна боја од традиционалните македонски, црвено, бело или розе.
„Литературата и учеството во воспитно-образовниот процес се моја примарна определба, меѓутоа свое исполнување најдов и во винарството“, вели за Иновативност, професорот Влатко Тасев.
Тој е ентузијаст и вљубеник во виното и винската култура, а занимавањето со виното го смета за хоби кое го оттргнува од секојдневните проблеми. Што се однесува до новите трендовски вина што ги направил, тие за него се резултат на настојувањата да направи нешто различно, а сепак да не се наруши оригиналноста и традицијата.
- Професоре Тасев, потекнувате од Тиквешијата, каде што виното и грозјето се центарот на светот. Па, сепак, и за овој крај сино и зелено вино се невообичаена глетка. Раскажете ни како и кога започна оваа приказна?
Моето семејство отсекогаш имало лозови насади. Во дваесетите години од минатиот век, кога дедо ми се доселил во Кавадарци и основал семејство, заради егзистенцијални причини, покрај другите култури кои ги одгледувал насадил и неколку декари лозје. Така, покрај житото, некои видови зеленчук и афионот, дедо ми одгледувал и лозје, кое во тоа време било без жици и колци. Од грозјето што го берел правел вино и ракија, нормално за свои потреби, бидејќи приносот бил многу скромен. Подоцна татко ми насадил десетина декари лозје во модерен облик и продолжил со традицијата на производство на вино и ракија. Се разбира и јас, од најрана возраст, бев присутен во сите процеси на работата на лозјето, а по бербата и во производството на вино и ракија. Така полека, но силно ме опфати магијата на овој благороден занает – винарството. Денес, правам црвено, бело и розе вино, сино и зелено, како и домашна ракија.
Како синото и зеленото вино ја добиваат бојата, дали се работи за додатоци или ако повторно се користат некои состојки од грозјето, или пак рецептата е ваша иновација?
Бојата е она што го привлекува погледот кој е пресуден за наредните чекори, кои водат до конечната оценка за одреден производ. Тоа ме наведе да експериментирам со додатоци кои би му ја промениле бојата на виното, а притоа не би му смениле ниту една друга карактеристика. Значи нема додавање на вештачки ароми и засладувачи. Боите на виното се од растителни екстракти и се сосема природни, а што е најважно немаат вкус и мирис туку се потполно неутрални.
- Колку време на експериментирање ви требаше да дојдете до крајниот производ?
Обиди, се разбира имаше многу, но еве постигнав резултат кој ме задоволува. Со овие бои експериментирав уште пред десетина години и уште тогаш донекаде беа развиени. Но во тоа време беше премногу смело тоа да се објави, па така остана во анонимност, во кругот на неколку мои пријатели. Кога се појави првото сино вино во Шпанија, ме провоцираше повторно да ги применам старите методи. Инаку најтежок дел од производството е да се создаде здраво и вкусно вино, кое понатаму може да се креира.
- Кои сорти грозје се користат за производство на овие вина?
Како што реков, располагам со скромен насад кој содржи повеќе вида грозје, од рани трпезни сорти до вински сорти кои доцна се берат. За производството на овие вина ги користам сортите жилавка, ризлинг, смедеревка, а во помали количини и афус-али и мускат.
- Дали постапката на производство е иста како и за, да речеме, конвенционалните вина, или има некоја посебна технологија?
Посебна технологија е, ако така може да се нарече, домашното производство, а постапката е иста како и конвенционалните вина. Во основа, синото и зеленото вино се бели суви вина, со сите нивни карактеристики.
- Колкави количини произведувате, каде завршуваат, дали размислувате за производство?
Количината на производство е скромна, околу илјада литри, кои завршуваат главно во кругот на моите роднини и пријатели во заеднички дегустации и „вински“ разговори. За комерцијална употреба не размислувам, бидејќи немам лиценца за тоа, а од друга страна и количините се премали за да размислувам за било каква понуда.
- Дали можеби експериментирате и сега, со нешто ново, на пример вино со некоја нова боја или поинаков вкус?
Полето на креативноста е огромно и постојат потенцијали за нови креации и можеби, во иднина ќе се создаде и некој нов тренд во винската култура.
- Дали поголемите винарии од вашиот крај се заинтересирани за синото и зеленото вино?
Досега не, а всушност и не очекувам.
- Познато е дека секое вино си има и своја храна. Со што одат синото и зеленото вино?
Веќе потенцирав дека синото и зеленото вино се всушност суви бели вина. Тоа значи дека одат со иста или слична храна, со која се пијат белите вина. Секако имаат еден, можеби посвечен облик, заради раскошноста на боите.