17.1 C
Skopje
сабота, јуни 6, 2020

 Деспотовски: Клучен предизвик за Фондот е квалитетно да се искористат 8 милиони евра до 2019 година!

Kabtel desktop

Со г-н Јован Деспотовски, директор на Фондот за иновации и технолошки развој разговараме за идниот развој на оваа млада институција, за модалитетите како ќе се зголемува иновативниот капацитет на македонската економија, за формирањето акцелератор и многу други важни теми

(Разговараше- Верица Јорданова)

  • Г-не Деспотовски, од неодамна Вие сте прв човек на Фондот за иновации и технолошки развој, релативно нова и млада институција со клучна визија да го зголеми иновативниот капацитет на македонската економија. Која е Вашата визија и личен предизвик на оваа позиција?

Фондот за иновации и технолошки развој е релативно млада институција, формирана во 2014 година со обезбедени средства од околу 9,5 милиони евра од Светска банка наменети за грантови за нашите апликанти. Во изминативе три години, за жал, не се искористени многу средствата, само 9% иако станува збор за неповратни средства. Мој личен стремеж ќе биде, додека трае договорот со Светска банка, до средината на 2019 година, да успееме останатите 8 милиони евра да ги доделиме на апликанти кои ќе достават квалитетни предлози. Ова е првиот предизвик. Вториот предизвик, кој е исто толку важен, е да обезбедиме останати извори на финансирање за Фондот да биде долгорочно одржлив. Во разговори сме со Владата, односно и со премиерот и со министерот за финансии кои покажуваат подготвеност за зајакнување на функцијата на Фондот, преку обезбедување на буџетски средства.

Кога зборуваме за одржливост мислам и на средства кои  ќе доаѓаат и од приватни инвеститори. Од останатите развиени економии каде многу се инвестира во технолошки развој, како Германија, САД, Кина, постојано доаѓа пораката дека приватните инвеститори го имаат главниот збор во овој вид на финансирање. Во овој правец, една од нашите среднорочни цели е да оствариме соработка и да ги поттикнеме големите инвестициски фондови од Европа и светот да дојдат во Македонија. Отворени сме за различни соработки со цел да го зголемиме присуството на приватен капитал во финансирање на иновациите во технолошкиот развој.

  • Кои според вас се клучните предизвици и проблеми кои треба да се надминат да има поголема искористеност на средствата од Фондот?

За поголема искористеност мислам дека клучна е информираноста и перцепцијата на нашите потенцијални корисници, од студенти до веќе етаблирани компании во сите сектори. Наш предизвик е да се создаде перцепцијата дека секој може да биде иноватор, особено оној кој може да понуди иновативно решение за проблем кој е секојдневен. Кога зборуваме за целни групи мислиме на завршените и незавршени студенти, микро компании или стартапи, како и веќе етаблирани компании кои имаат желба да вложат во иновативни технологии, односно во решенија и концепти кои се нови и моментално не се применети во македонската економија.

Не мислам дека во Македонија можеме да измислиме нешто што не е измислено некаде во светот. Тоа не е ниту нашата цел. Идејата е преку иновативен пристап да поттикнеме поголем технолошки развој.

  • Ценејќи според постигнатите резултати на досегашните проекти, како го гледате иновативниот капацитет на македонските компании. Се забележува ли подинамичен развој на иновативните проекти?

Има, да. Од досегашните три повици за доделување на грантови можам да кажам дека има навистина одлични идеи кои заслужуваат и повеќе од она што го добиле од Фондот.

  • Во изминатиот период се отворија и прашањата што после завршување на грантираните проекти, а постоеше и идеја да се обезбеди консултантска услуга на стартапите во обезбедување дополнителни средства. Дали улогата на Фондот завршува со завршувањето на проектот?

На хартија да, меѓутоа сакаме да го избегнеме стереотипот да продолжме со поддршка само бидејќи е пишано на хартија​. Во самиот период на финансирање е обезбедена поддршка од консултанти од Светска банка и се зголемуваат​ капацитетите на апликантот сам да наоѓа средства за финансирање и одржливиот. Идејата е уште при самата реализација на проектот апликантот да стекне знаење како понатаму да се финансира. Размислуваме и на тоа дали можеме после завршувањето да понудиме дополнителна поддршка која нема да е само техничка. Поради тоа, инициравме процес на скенирање на неискористени средства во Македонската банка за поддршка на развојот, што може да се искористат како поддршка на мерките на Владата за економски раст, да видиме дали можеме да помогнеме после завршувањето на проектот. Дел од средствата со кои тие располагаат, а во моментот се неискористени, да можат да се пренасочат во оваа насока.

  • Спомнавте дека најголем дел од проектите се поврзани со информатичко – комуникациската технологија, но како планирате да ги анимирате останатите индустрии кои се не нужно поврзани со оваа индустрија да аплицираат на Вашите повици со иновативни предлози?

Промена на перцепцијата за улогата на Фондот е голем предизвик и работиме веќе на тоа да дадеме до знаење дека сите сектори на економијата можат да бидат потенцијални апликанти бидејќи технолошкиот развој е секаде. Наскоро ќе почнеме да пилотираме и новинструмент за примена на иновации во јавен сектор и веќе разговараме со неколку министерства за нивните потреби. Со ова би ги поттикнале компаниите да понудат свои решенија кои ние би ги развиле и понатаму би ги презело соодветното министерството за натамошна примена. Со ова обезбедуваме нов пазар за компаниите апликанти. Ќе се обидеме да идентификуваме во кои области и ресори, како што се ИПА фондовите, каде постојат неискористени средства за финансирање на проекти и со постоечките механизми на Фондот, поставени согласно правилата на Светска банка, да придонесеме кон поголемо искористување на овие средства.

  • Како планирате да ја поттикнете соработката со универзитетите како истражувачки центри во Македонија со бизнис заедницата?

Македонија е релативно мал пазар и е недоволна развиена да ги стигне трендовите од запад, но апсолутно се согласувам дека покрај деловната заедница, во целиот проект на зголемување на иновативноста и поттикнување на технолошкиот развој мора да се вклучи и академската заедница. Имаме веќе концепт за формирање на национална канцеларија за трансфер на технологии која ќе се финансира во рамките на проектот со Светска банка. Канцеларијата ќе има задача да поттикне соработка меѓу компаниите и академската заедница, но мора да постои реална потреба во економијата за вклучување на академската заедница. Согласно тоа ќе дефинираме каде и како ќе биде лоцирана канцеларијата која ќе треба да ја олесни оваа соработка. Националната канцеларија е во фаза на правно регулирање, но не брзаме бидејќи сакаме убаво да го разгледаме и концептот и стратегијата за изводливост од Светска банка. Една од идеите е канцеларијата да биде дел од организациската поставеност на Фондот за да видиме реално дали иницијативата за соработка ќе доаѓа од универзитетите или од економијата.

  • Дали останува идејата за формирање на акцелератор?

Да. Акцелераторот ни е исто така предвиден како дел од краткорочниот план за активности. Веќе имаме обезбедно средство за максимум три проекти кои би ги финансирале. Во фаза сме на дефинирање на првични активности со еден израелски акцелератор со кој најверојатно ќе потпишеме договор за соработка на почетокот на ноември. Акцелераторот освен што ќе обезбеди првична поддршка за апликантите, ќе обезбеди и средства за финансирање. Значи во соработка со повеќе фактори планираме до крајот на годината да се објави повик за финансирање на пилот акцелератор во чии рамки ќе биде вклучена и академската заедница. Ова е дел од поширок капитален проект што го работиме со Министерството за информатичко општество и администрација за формирање на Технолошки парк, со акцелератор.

  • Ќе има ли новости во поглед на оперативното работење, дали планирате повеќе повици за аплицирање и слично?

Ќе имаме повеќе повици и целта е во наредните осумнаесет месеци да ги распределиме сите средства кои веќе ни стојат сега на располагање, а веќе работиме и на мобилизарање на нови средства. Приоритет ќе биде фокусирањето на области каде знаеме дека постојат јавни средства што не се искористени, како на пример во делот на руралниот развој. Еден од интерните предизвици ќе биде и како Фондот да го изгради својот капацитет за што поуспешно  да одговори на сите тие предизвици. Постојано сме во разговори со сите министерства, со странски партнери за да ги искористеме и нивните искуства и ресурси за градење на Фондот.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •