Органска козметика од македонски билки Omega raw cosmetics ќе го освојува светот!

- Advertisement -

Македонската линија на органска и жива козметика Omega raw cosmetics годинава во март ќе ја претставува нашата земја во Брисел, каде ќе се натпреваруваат во финалето на StartUp Europe Awards 2017. Omega raw cosmetics се првата компанија кај нас, и меѓу неколкуте во светот, кои произведуваат жива органска козметика што може и да се јаде. Компанијата е сопственик на патент за укикатни технолошки постапки со кој се прави RAW или жива козметика, кој е интернационално признат во повеќе земји од светот

Разговараше- Сања Наумовска

 

- Advertisement -

„ Omega raw cosmetics “ е млада компанија, која постои од 2015 година и во моментов работи со тим од 5 луѓе, но, која со својот квалитет, успеа да се наметне пред купувачите. Сопственичката, младата фармацевтка Ирина Велевска, за „Иновативност“ раскажува за дека нејзината цел е органската жива козметика да стане секојдневие на сите, бидејќи во производството се користат само хранливи и органски состојки, како сирово овошје, зеленчук, дехидрирани билки и чаеви, без никакви хемиски додатоци. За разлика од хемиските козметички производи, raw козметиката содржи природни состојки, кои се обработуваат без загревање, ги задржуваат својствата и не и штетат на кожата.

Raw козметиката е најнов вид на козметика за чие  производство се користат само свежо цедени сокови од овошја и зеленчук, дехидрирани билки, нерафинирани ладно цедени масла, нерафинирани путери, без истите да се загреваат. Производите се направени на температура од 36 степени Целзиусови, што е пониска од температурата на човековото тело.

- Advertisement -

  • Kако почна приказната за Omega raw cosmetics?

Мојата љубов кон медицината, фармацијата и истражувањето датираат уште од детството, кога низ детските игри  си замислував дека имам лабараторија што се вика Омега. Конкретно, идејата за производство на органска козметика се јави во времето кога работев на Фармацевсткиот факултет во Скопје. Бев асистент на катедрата Фармацевстска хемија, а меѓу омилените предмети ми беше Дизајн и метаболизам на лекови. Во тоа време, мој пријател дојде на идеја да пробаме да направиме крема, која нема да ја загреваме, а ќе содржи органски компоненти, какао путер, невеново масло и пчелин восок. Пробавме, но не бевме задоволни од исходот, се додека на ја поделивме кремата на пријатели. Сите беа воодушевени од ефектите и така почна приказната. Почнав да истражувам за органските состојки и дојдов до основните формули. Ги развивав и понатаму и по една година одлучив дека е време да отворам моја лабораторија и да почнам со производство.

- Advertisement -
  • Кој е креатор на козметиката?

Зад секоја формула на Омега стојам јас, но што ќе се најде на пазарот под овој бренд, одлучуваме заедно со мојот тим зависно од потребата. Мора да нагласам дека сум многу горда, што производството го почнавме со 8 формули, а сега имаме 96, кои третираат и различни кожни проблеми, како сувост на кожата, масна кожа и акни, имаме продукти за забавување на стареењето на кожата, па се до производи кои третираат посериозни кожни состојби, како псоријаза и егземи.

  • Какви производи има во палетата на Omega raw cosmetics во моментов?

Во моментов на нашите клиенти им нудиме креми за лице и за тело, креми против стареење на кожата, пилинзи, сапуни, уникатни путери за тело и  продукти за коса, шампони и маски. Највпечатливи ни се путерите за тело во облик на макаронс колачиња, направени се од какао путер, кој се топи на 36 степени, температурата на телото, и по нив сме и најмногу препознатливи. Познати сме и по cupcakes-  единствените сапуни на пазарот што може да се јадат. Имаме и bath bombs, за уживање во бања. Во пилинзите успеавме да инкорпорираме свежо цедени сокови од овошје, зеленчук и билки и се веќе дел од секојдневната рутина за нега на многу наши купувачи.

На почетокот производите на „Омега“ беа поделени во четири колекции, овошна колекција, билна колекција, колекција на база на житарки и мед и чоколадна линија. Секоја колекција е составена од пилинг, крема и путер. Тие и денеска се едни од нашите најпродавани продукти, но сега имаме многу прошиен спектар со нови и уште поразвиени формули и со уште повеќе живи состојки, како на пример Pumpkin Pie – крема која содржи жива каша од тиква.

  • Имате ли планови за креирање нови производи?

Бидејќи, засега, имаме само линии за жени, годинава планираме да направиме и детска колекција и линија за мажи. Ќе ја имаме првата козметика за бебе, која ќе биде целосно безбедна дури и за јадење, а родителите нема да мора да се грижат дали капењето може да преизвика иритации на очињата или дали малечките можат да го стават сапунчето во уста.

Исто така, насочени сме кон custom made производите, наменети за луѓе со кожни проблеми. Ова спаѓа во трендот на персонализиана козметика, која се подготвува по нарачка на пациетот, според тестовите на неговата кожа, што се прават во нашиот изложбен салон. Особено сум горда што со овие производи имаме постигнато одлични резултати на третман на кожа, дури и кога претрпела хемиски оштетувања, како и кај кожни проблеми со псоријаза. Насочени сме кон развој токму на овие custom made продукти, бидејќи сметам дека тука е иднината на органската козметика. На располагање имаме бројни суровини, што можат да се искористат за надминување на различни дерматолошките проблеми, за кои не може да се најде решение во конвенционалната козметика.

  • Тешко ли е да се набават суровини за raw козметика?

 Сите суровини се органски, дел мораме да ги увеземе, како ши (shea) путер, манго или алое, повеќето ги набавуваме или ги правиме во Македонија. Тоа се, пред се, мацератите од билки кои растат на нашето поднебје. Ние во „Омега“ сме поборници, во козметиката да се користат токму суровини што ги дава нашата природа, затоа  што тие, според истражувањата што сме ги направиле, најмногу одговараат на нашата кожа.

Во македонската традиција е користењето народни лекови од бики, на кои нашето тело совршено се прилагодило. Според фармакогентиката на нашите луѓе, најдобро делуваат токму овие препарати.  Затоа и нашата определба, максимално да користиме суровини од нашето поднебје, а многу помалку тропски, бидејќи ефектот така е најголем.

 

  • Освен за составот и квалитетот, водите сметка и за изгледот на продуктите, кои имаат изглед и форми на колачиња. Од каде инспирацијата?

Главната идеја беше да се долови фактот дека козметиката е жива и безбедна, дури и за јадење, а тоа најлесно ќе се илустрира со облици кои не потсетуваат на  храна. Така дојдовме до формите како  cupcakes, макаронс, теглички кој потсетуваат на џем или десерт и други.

[quote]Нашата определба е максимално да користиме суровини од нашето поднебје, а многу помалку тропски, бидејќи ефектот така е најголем.[/quote]

  • Како треба да се чува козметиката, со оглед на тоа дека е жива?

Козметиката на „Омега“ не содржи ни 0,1% конзерванси, таа е 100% toxin free, но нема потреба да се чува во фрижидер, бидејќи состојките се направени со посебна технологија на самоконзервирање, за која „Омега“ има патент и која е призната во повеќе држави. Самиот производ создава средина во која не се развиваат бактерии, а на овој начин се произведени сите наши производи. Тоа значи дека условите за чување се вообичаени, на собна температура, со препорака да не се изложува на сонце, бидејќи, сепак ултравиолетвата светлина би можела да разгради дел живите компоненти.

  • Како е прифатена живата козметика на пазарот, знаат ли купувачите кои се нејзините предности?

„Омега“ постои од 2015 година и е прва фирма која почна да произведува ваков тип на жива органска козметика. На почетокот беше тешко да се убедат купувачите дека конвенционалната козметика е штетна за нивната кожа и за нивното тело, но со време, кога ги почувствуваа ефектите од нашите креми, пилинзи и сапуни, се промени сликата. Во првата година поделивме околу 100.000 тестери и можам да кажам дека огромен број од нив станаа наши клиенти кои до ден денес ја користат само нашата козметика. Тоа е и нашата крајна цел, да се исклучи хемиската козметика од употреба, заради што цените ги прилагодивме, за секој да може да си ги дозволи нашите производи.

  • Има ли некој производ што се одвојува, како омилен меѓу купувачите?

Најмногу е продавана линијата „Персефон“, лајт и дарк колекциите, кои се продукти за заштита на кожата од стареење. Технологијата на жива и органска козметика што може да се јаде, е најмногу нагласена во оваа линија, која содржи природни протеини од ориз, дехидрирана кора од калинка и девет видови билки. Розовата боја на „Персефон лајт“ е добиена од ендемска билка, која расте само во нашата земја. Ја откривме сосема случајно и го  добивме првото природно розово обојување на крема, добиено на органски начин, во светот.

  • Со Omega одите во Брисел на  StartUp Europe Awards 2017, кои се очекувањата од овој настан?

Одиме да се претставиме во најдобро светло, а што тоа ќе ни донесе ќе видиме. Минатата година имавме неколку успешни претставувања, бевме победници на Лидер-проектот организиран од „Македонија 2025“  и бевме спонзори на самитот кој се одржа во Мериот. Исто така ја претставивме нашата козметика во Шведска, каде инвеститорите беа одушевени од фактот дека се произведува органска козметика во Македонија, со локални билки, и со употреба на уникатна технологија за самоконзервирање. Токму тие моменти за нашето производство сакаме да ги претставиме во Брисел, дека не мораме да потрошиме премногу средства за да добиеме производ со огромен квалтет и по пристапна цена.

  • Каде може да се купат производите на Омега?

Органската козметика на Омега може да се купи во нашата продавница, но и да се нарача онлајн со бесплатна достава. Може да се нарачаат и тестери, кои исто така ги доставуваме бесплатно.

  • Кои се вашите планови за иднина?

Бидејќи „Омега“ веќе има интернационално признат патент, целта ни е да ги прошириме пазарите со он-лајн продажба, но и со отварање претставништва на повеќе странски пазари. Производството на зголемени количини не ни е проблем. Соработуваме со фирма од Демир Хисар со која заедно ќе ги правиме мацератите и ќе ги произведуваме билките. Технологијата што ја имаме ни дозволува во краток временски период да направиме голема количина на смеса за еден производ, а лабараторијата има капацитет од околу 140.000 производи месечно.

Сподели!
- Advertisement -