Од македонските изданија, најголем интерес за македонската детска литература!
Промоција на македонската книжевност е една и од главните цели на учеството на македонските издавачи на најголемиот светски саем на книга кој овие денови се одржува во Франкфурт, Германија.
Сите национални книжевности имаат назначено ден кога ќе ги презентираат своите изданија, па така за 14. октомври е закажан и македонскиот ден каде покрај промоција на изданијата, закажана е и панел дискусија на тема „Предизвиците на патот кон меѓународна афирмација на книжевност од малите јазици“ во организација на Македонската асоцијација на издавачи.
За напорите на издавачките компании и авторите во освојување на меѓународната книжевна сцена од учесниците од Македонија говореа Лидија Димкова, еден од најпреведуваните македонски автори и добитник на повеќе награди меѓу кои и Европската награда за литература во 2013 и Дарко Фидановски од МАИ.
Саемот на книгата во Франкфурт е најголемиот саем на меѓународната издавачката индустрија со 7.300 излагачи од повеќе од 100 земји, околу 275.000 посетители, има повеќе од 4.000 настани и околу 10.000 акредитирани новинари, вклучувајќи и 2.000 блогери. На овогодинешниов саем, почесен гостин е Франција.
Македонскиот штанд презентираше нови изданија на Басни и Бајки од Македонија, последната книга на авторката Билјана Црвенковска, „Супервештерката, мачката и шесте волшебни колачиња“, „Мистериозното јајце“ на Оливер Коларевски и „Тато, имаме приказна“ во издание на издавачката куќа „Арс Ламина“, како и сликовниците и детските изданија на издавачите „Култура“ и КСЦ Полица. Интерес предизвика и новиот производ на издавачката куќа Три, „Мојата планум приказна“, која е еден поинаков интерактивен и креативен планер за ученици од основно и средно училиште, полн со специјално дизајнирани вежби кои се базираат врз методологијата на личен развој и позитивна детска психологија.