Во 2018 година, 66% од луѓето во 52 земји* ќе поседуваат паметен телефон, споредено со 63% во 2017 година и 58% во 2016 година, според предвидувањата за мобилното рекламирање Mobile Advertising Forecasts 2017 објавено денес од медиумската агенција Зенит (Zenith).
Брзата експанзија на паметни телефони низ светот, која го трансформираше и начинот на кој огласувачите комуницираат со потрошувачите, полека забавува, бидејќи пенетрацијата во најразвиените пазари веќе достигна 80% -90%. Бројот на сопственици на смартфони ќе се зголемува за 7% во 2018 година, што претставува помал процент на годишен пораст во однос на годишниот пораст од 10% во 2017, 14% во 2016 и 21% во 2015 година.
Раширувањето на паметните телефони и другите мобилни уреди го зголемува бројот на контакти меѓу брендовите и потрошувачите, давајќи им нови можности на корисниците да се поврзуваат со содржини на медиумите каде и да се наоѓаат, и во секое време во текот на денот. Некои од овие контакти имаат форма на платено рекламирање во содржини од трети страни, но мобилната технологија овозможува и пошироки искуства со брендовите, како што се брендираните содржини и активација на социјалните медиуми.
Западна Европа и Азискиот Пацифик продолжуваат да водат во светски рамки кога е во прашање распространетоста на паметните телефони. Медиумската агенција Зенит (Zenith) предвидува дека пет пазари ќе имаат пенетрација на паметни телефони над 90% во 2018 година: Холандија (94%), Тајван (93%), Хонг Конг (92%), Норвешка и Ирска (секоја со 91%). Ниво на пенетрација помеѓу 80% и 90% ќе имаат 11 пазари, повеќето од нив од Западна Европа и Азискиот Пацифик со исклучок на Израел, каде пенетрацијата ќе изнесува 86%.
Земја со најголем број корисници на паметни телефони би била Кина, со 1,3 милијарди корисници, по што би следела Индија, со 530 милиони корисници. САД би биле трети, со 229 милиони корисници.
*52 земји вклучени во овој извештај се Аргентина, Австралија, Австрија, Белорусија, Белгија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Канада, Кина, Колумбија, Чешка, Данска, Еквадор, Естонија, Финска, Франција, Германија, Грција, Хонг Конг, Унгарија, Индија, Ирска, Израел, Италија, Јапонија, Латвија, Литванија, Малезија, Мексико, Холандија, Нов Зеланд, Норвешка, Пакистан, Перу, Филипини, Полска, Португалија, Романија, Русија, Србија, Сингапур, Словачка, Јужна Африка , Јужна Кореја, Шпанија, Шведска, Швајцарија, Тајван, Тајланд, Украина, Велика Британија и САД, што претставува 65% од светското население.
Пенетрацијата на таблетите ќе се стабилизира на околу 20%
Сопствениците на таблети се во помал број споредено со сопствениците на паметните телефони, делумно поради тоа што таблетите почесто се користат во домашни услови, а делумно и затоа што потрошувачите на некои пазари претпочитаат да користат поголеми паметни телефони наместо таблети. Таблетите воопшто не се атрактивни во Кина, каде што оваа година се проценува дека нивната пенетрација изнесува само 4,8%, во споредба со 85,4% пенетрација кога се во прашање паметните телефони. Пенетрацијата на таблетите паѓа дури и во Тајланд.
Пенетрацијата на таблети варира во сите 52 земји во овој извештај; таа надминува 50% на 12 пазари и е помала од 10% во седум. Најголема е во Холандија (пенетрација од 74% годишно), Австралија (66%) и Ирска (65%).
На глобално ниво, распространетоста на таблетите ја проценуваме на ниво од 18,7% за оваа година, што е за малку повеќе од 17,8% во 2016 година. Се чини дека се стабилизира на околу 20%: ние проценуваме дека дека нивото на пенетрација во 2018 година ќе изнесува 19,5% и 20,1% во 2019 година.
73% од корисниците во 2018 година ќе пристапуваат на интернет преку мобилни уреди!
Мобилните уреди (вклучувајќи ги и паметните телефони и таблетите) за повеќето корисници сега се примарно средство за пристап до интернет и се предвидува дека нивниот удел во времето поминато на интернет во 2018 година ќе достигне 73%, наспроти 70% во 2017 и 65% во 2016 година. Користењето на интернет преку мобилни уреди е двојно зголемено во однос на 2011 година, кога изнесувало 36% од целата интернет употреба. До 2019 година се очекува тоа да достигне 76%.
Пазарите каде мобилните уреди имаат највисок удел во користењето на интернет се географски разновидни. Шпанија е на врвот, со околу 81% од користењето на интернет од мобилните уреди оваа година, по што следуваат Италија (78%), Кина и САД (секој со 77%) и Индија (73%).
59% од трошоците за интернет рекламирање во 2018 година ќе бидат за рекламирање на мобилни уреди
Како што имаме наведено во нашите квартален извештај за Предвидувања за инвестиции во рекламирањето (Advertising Expenditure Forecasts), износот на средствата што се трошат на рекламирање на интернет преку реклами на мобилни уреди, за прв пат оваа година ја надмина сумата потрошена за десктоп рекламите. Зенит проценува дека во 2017 година 53% од сите интернет реклами ќе одат на реклами видени на мобилни уреди, и се предвидува дека тој процент ќе се зголеми на 59% во 2018 година и 62% во 2019 година. Во 2019 година рекламирањето на мобилни уреди ќе изнесува 156 милијарди долари, односно ќе биде 26% од рекламите во сите медиуми.
“За повеќето потрошувачи и огласувачи, мобилниот интернет сега е нормален интернет”, вели Џонатан Барнард, раководител на одделот за медиумски проценки во Зенит и Директор на Global Intelligence (одделот на Зенит задолжен за прибирање на податоци за медиумите глобално). “Пенетрацијата на мобилните уреди почнува да се заситува на некои пазари, но има доволен простор за понатамошен раст во остатокот од светот”.