Siemens го претстави првиот електричен автопат eHighway во САД. Автопатот е долг 1 километар, а се наоѓа во Калифорнија во близина на пристаништето Лос Анџелес и Лонг Бич. eHighway има систем за полнење на високи камиони сличен на тој кај трамваите или шинобусите. Преку системот на eHighway дел од лентите на автопатот стануваат електрични, а возилата што се движат по нив се напојуваат со енергија додека се движат. На овој начин транспортот до и од пристаништата ќе има нула емисија на гасови.
Според Inhabitat, Siemens се надева да се реши проблемот со сериозното загадување на воздухот со системот на eHighway. Големите камиони кои се користат за транспорт на стока се најголемите виновници за формирањето смог во јужна Калифорнија. Проектот ќе покаже колку е остварлив системот за транспорт со нула емисија на гасови. Доколку се покаже успешен, eHighway ќе може да се постави во близина на сите приста ишта за да се намали загадувањето и да се подобри јавното здравје кај жителите во близина на пристаништата.
Моментално се тестираат електричен камион со батерии, хибриден електричен камион кој вози и на природен гас и дизел хибриден камион за да се види ефективноста на системот. Ова е првиот таков автопат во САД, но првиот електричен автопат на светско ниво беше пуштен во употреба во Шведска уште во 2016 година.
Системот eHighway е дизајниран за иднината. Експертите очекуваат емисијата на јаглерод диоксид на глобално ниво од товарен сообраќај да се дуплира до 2050 година. Ваквиот електричен систем за камиони може да ја модернизира постојната инфраструктура со помош на најновата технологија за да ги задоволи потребите на траснпортот, додека истовремено се намалува емисијата на штетни гасови.