Rio Tinto Group, втората по големина рударска компанија во светот, ги затвора рудниците за јаглен и се подготвува да го затвори бизнисот. Иако загриженоста за загадувањето е дел од причината зад ваквата одлука, Rio Tinto со седиште во Лондон се откажува од работата со јаглен поради намален профит. Сепак, оваа одлука на Rio Tinto треба да се гледа во контекст на светскиот тренд кој се придвижува кон нискокарбонска економија, каде што обновливите извори на енергија полека ги заменуваат фосилните горива како поекономичен начин за снабдување на планетата со енергија.
Inhabitat, пишува дека извршниот директор на Rio Tinto, Жан Себастиан Жак, ја донесол одлука поради ограничените ресурси за работа. Според него, дури и компанија со големина како Rio Tinto мора да го извлече максимумот од човечките и од финансиските ресурси. Иако одлуката на Rio Tinto главно е поради непрофитабилност, компанијата и другите од тој сектор ги очекува неизвесна иднина порати тоа што работат со нечисти и неисплатливи извори на енергија како јагленот.
Рударските компании се обидуваат да предвидат кои стоки во иднина ќе изгубат најмногу вредност, а намалувањето на емисијата на јаглерод диоксид е една од нивните најголеми грижи. Се повеќе компании ги интегрираат сценаријата за климатските промени во нивните макроекономски и циклични сценарија за работата.
И покрај црната иднина која и се припишува, Rio Tinto наоѓа купувачи за своите рудници за јаглен, од кои најголем дел се наоѓаат во Австралија. Рударскиот гигант ја продава својата сопственост уште од 2015 година. Бидејќи повеќе нема да се занимава со јаглен, Rio Tinto ќе ги фокусира своите ресурси на ископување други повредни материјали.