Германскиот сериски претприемач, Ким Дотком, кој зад себе има повеќе успешни услуги за споделување, има големи планови за Интернетот. Иако во август годинава ја изгуби битката за да си ги врати 67-те милиони долари запленети од страна на владата во истрагата за својата компанија MegaUpload, не застанува со идеите. Него во САД го бараат за наводно нелегално споделување документи и моментално чека екстрадиција од Нов Зеланд, но сепак наоѓа време за својата нова идеја – MegaNet.
За MegaNet прв пат напиша на Twitter уште во 2015 година, а сега ветува дека ќе направи алтернатива на Интернетот како начин за поголема приватност и поголема слобода онлајн. Поради тоа што владините агенции го користат Интернетот за да ги шпионираат граѓаните, а има и многу скандали со хакирање, луѓето се загрижени за својата приватност. Ким Дотком ветува Интернет без попречување, без можност за надзор од владите и без IP адреси. Германскиот претприемачa ќе изгради целосно нова инфраструктура.
„Долго време работам на ова. Мобилните мрежи и мрежите за уреди ќе бидат готови за 4-5 години. Кога ќе ‚оживее’ нашиот сон за вистинска слобода на Интернет ќе стане реалност. Новите апликации K.im и Bitcache ќе ја обезбедат потребната критична маса за новата мрежа“, вели Дотком.
Дотком, кој верува дека Интернетот е простор каде што нема ред и закон како на Дивиот Запад, својата идеја за алтернативен Интернет ја опишува како неуништлива, без можност за контрола и енкриптирана. Интернет од луѓето за луѓето. Во оваа фаза не се знае каква форма ќе има MegaNet и што е уште побитно, каква безбедност ќе биде имплементирана.