По настани како Светскиот куп во фудбал и Олимписките игри остануваат опустошени стадиони и арени. Со цел да направи поодржлива конструкција, Катар ги најави своите планови да го гради првиот модуларен стадион во светот во пресрет на Светскиот куп на ФИФА во 2022 година. Дизајнерите Fenwick Iribarren, Schlaich Bergermann Partner и Hilson Moran ја испланираа арената со 40.000 седишта. Стадионот ќе го носи името Ras Abu Aboud Stadium и ќе биде направен главно од контејнери за полесно да се составува и расклопува.
Плановите за стадионот се последните од осум вкупно предложени локации за Светскиот куп на ФИФА. Како што информира Inhabitat, за разлика од стадионите на кои претходно се одржувал Светскиот куп, Ras Abu Aboud Stadium ќе биде направен од модуларни блокови конструирани во фабрика со сите потребни елементи како седишта, клупи, бањи, а потоа само ќе бидат склопени на лице место. Ваквиот модуларен пристап ќе овозможи да се креира помалку отпад и да се намали испуштањето на штетни гасови, па стадионот може и да го добие сертификатот со 4 ѕвезди Global Sustainability Assessment System.
Стадионот ќе може да биде повторно склопен и целосно составен на друга локација или пак, да се подели на неколку помали спортски центри. Се очекува стадионот на Катар да биде готов до 2020 година и да зафаќа површина од 450.000 квадратни метри во близина на пристаништето во Доха.