На 1. декември 2017 година започнува со работа новата компанија за осигурување на живот, Триглав Осигурување Живот АД, Скопје. Дел од Групацијата Триглав, најголемата осигурително-финансиска групација во регионот Адриа, Триглав Осигурување Живот, влегува на македонскиот осигурителен пазар поткрепена со моќен бренд, како и со експертиза и квалитетни производи, својствени за Групацијата.
Триглав Осигурување Живот АД, Скопје е инвестиција, која што се должи на поволните услови и на потенцијалот на пазарот на осигурување на живот во Македонија, кој во изминатите неколку години покажува двоцифрена стапка на раст на премија, надминувајќи го на тој начин растот во сите останати земји од регионот Адриа. Заклучно со 31. декември 2016 година, основните индикатори за развиеност на пазарот на осигурување на живот, како учество во вкупната осигурителна премија од 15%, степен на пенетрација од 0,22% и степен на густина од 624 МКД, се најниски во регионот и укажуваат дека овој, релативно млад пазар има голем неупотребен потенцијал и е долгорочно гледано атрактивен за инвестирање и за развој на работењето.
“Триглав Осигурување Живот настапува на македонскиот пазар на осигурување на живот со длабоко познавање на пазарните прилики, како и искуството и експертизата што ни се на располагање во Групацијата Триглав. Ќе понудиме висококвалитетни иновативни производи, развиваме дополнителни услуги, кои што ќе претставуваат додадена вредност на основните производи, во главниот фокус ни се потребите на клиентите, а секако ќе работиме во согласност со мисијата, стратегијата и веќе потврдените основни вредности на брендот Триглав”, изјави извршниот директор на компанијата, Александар Андоновски.
Триглав Осигурување Живот ќе ги нуди своите производи на пазарот со поддршка од широката продажна мрежа на Триглав Осигурување АД, Скопје, која се одликува со големо искуство и локално познавање на состојбите на пазарот.
Според Главниот извршен директор на Триглав Осигурување АД, Скопје, Ѓорѓе Војновиќ, Триглав Осигурување Живот е вистинска инвестиција, имајќи ги во предвид условите и потенцијалот на пазарот на осигурување на живот во Македонија.
“Како лидери на пазарот и како дел од најголемата осигурителнo –финансискa групација во регионов должни сме да придонесеме кон развојот на осигурителниот пазар во Р. Македонија, да ги внесеме нашето искуство и знаење, како и нашите конкурентски предности, сѐ со цел, да им обезбедиме на клиентите квалитет каков што заслужуваат и да ги задоволиме подобро потребите на пазарот. Како и во останатите осигурителни сегменти и во доменот на осигурување на живот еден од основните предизвици на македонскиот пазар сеуште е перцепцијата на осигурувањето како трошок, наместо инвестиција во сопствената иднина, но тоа е момент којшто ние осигурителите мораме да го надминеме и да работиме на приближување на придобивките од осигурувањето до јавноста”, додава Војновиќ.
Триглав Осигурување Живот на пазарот ќе понуди осигурување на живот со штедење, мешовит производ, кој на клиентите ќе им овозможи да обезбедат сигурна иднина за своите најблиски, а воедно ќе биде гаранција дека по истекот на осигурениот период акумулираниот износ на име заштеда ќе го добијат назад. Предноста на овој вид на осигурување е загарантираната сума, којашто клиентот ја добива при склучување на договорот и којашто е еднаква во обата случаи, настапување на смрт, или пак доживување на осигурениот период. Триглав Осигурување Живот нуди можност и за двојна осигурена сума во случај на смрт од болест, или пак од несреќен случај. Во случај кога осигуреникот ќе го доживее осигурениот период, тој се стекнува со право на исплата на загарантираната сума за доживување, зголемена за евентуалната остварена добивка од страна на осигурувачот.
Осигурувањето на живот со штедење на Триглав ќе понуди голем број на предности за своите клиенти, вклучувајќи финансиска заштита за семејството, т.е. за корисниците на осигурувањето, заштеда на платените премии, можност за заложување на полисата во функција на гаранција за одредена обврска, можност за подигнување аванс, еднаков на откупната вредност на полисата во моментот на барањето, исплата на осигурениот износ во целост, или пак на рати, како и финансиска помош на осигуреникот, во форма на исплата на дел од осигурениот износ, како аванс, при раѓање на дете, кога сопружниците имаат взаемно осигурување. Производот е флексибилен и овозможува плаќање на рати, или пак еднократна уплата на средствата, како и зголемување на осигурената сума во текот на траењето на осигурениот период. Производот е прилагоден на потребите на широка целна група, наменет е за лица на возраст од 14 до 65 години, може да има времетраење од 5 до 25 години, но најмногу до денот кога осигуреникот ќе наполни 75 години.
Покрај осигурување на живот со штедење, Триглав Осигурување Живот ќе понуди и осигурување од незгода, како дополнување на основното осигурување, кое што ќе обезбеди покритие во случај на смрт од несреќен случај, траен инвалидитет, надомест за болнички ден, како и месечна рента во случаите на траен инвалидитет.