Средношколците во Финска се први во светот по квалитетот на стекнатото знаење во училиште.Образованието е бесплатно за сите, учениците во училиштата имаат бесплатни оброци, социјално и здравствено осигурување и бесплатни учебници. Новата реформа во образованието воведе дигитализација на учењето.
Во една училница во финско училиште, ќе видите само по некој стол, а истите се користат само понекогаш кога ученикот тоа ќе го посака. Новата реформа во финскиот образовен систем, донесе дигитализација на учењето.
Наместо книги, во оваа училница децата пред себе имаат таблети на кои преку игра учат некои од најважните работи. Игрите кои децата ги користат за учење се идеја од платформа која била креирана во 2015 година. Креаторите на овие игри ги направиле истите доволно забавни за децата, но и со доволно едукативна содржина.
„Најдоброто нешто е тоа што децата учат, а за тоа не се свесни. Овие игри моментално се тестираат во Финска, Сингапур, Словачка и Аргентина. Им даваме на децата да ги играат игрите 15 минути, а потоа ги собираме таблетите. После ги прашуваме дали научиле нешто, на што најчесто одговараат дека не научиле, но кога ќе им поставиме прашања поврзани со содржината на игрите, сите знаат да одговорат.“, раскажува Питер Вестербак, еден од креаторите.
Освен што секојдневно се забавуваат, децата во овие училишта не учат во традиционални услови. Просториите за игри дошле како замена за традиционалната училница со клупи и книги. Идејата е децата да минуват време во групи што според нивните наставници е најважно нешто.
„Имаме и нова наставна програма која е воведена од пред една година, според која децата треба да усвојуваат социјални вештини, а учењето да биде дигитализирано. Понекогаш децата користат и книги по предмети како мајчин јазик, англиски јазик или математика.“, изјавил Јука Ихалаинен, заменик директор на едно од училиштата.
На секои 10 години, владата на Финска носи нови наставни програми кои претходно се подготвуваат неколку години. Една од работите со кои Финците најмногу се гордеат е тоа што училиштата во државата се еднакви за сите. Училиштето не претставува обврска или стрес, туку задоволство за учениците. Со цел постојано да го усовршуваат образовниот систем, од учениците ширум земјата се бара на секои седум недели да го оценуваат своето школување и да наведуваат што е добро, а што е лошо и треба да се промени.