Македонската онлајн продавница OutletON со големи амбиции да стане Amazon на Балканот

- Advertisement -

OutletON е бренд кој успешно работи скоро четири години на македонскиот пазар, а од пред две години започна да го освојува и српскиот и бугарскиот пазар. Основачите на OutletON, Горјан Стојановски и Мартин Кароски ни раскажаа како започнале буквално од спална соба, а денес се со амбиција да станат Amazon на Балканот

(Разговараше – Бисера Срцева)

Трендот на купување на производи на Интернет полека но сигурно зема замав и во Македонија. Една ваква онлајн продавница, OutletON, започна да работи уште во 2014 година кога Македонците сѐ уште немаа навика да пазаруваат преку Интернет.

- Advertisement -

„Идејата се роди откако се вративме од Work and Travel програмата од САД каде меѓу другото ги искусивме бенефитите од електронската трговија. После враќањето во Македонија го стартувавме бизнисот кој тогаш го нарековме Купи од дома. На почетокот се фокусиравме на продажба на електроника.“, раскажува Мартин за почетоците на онлајн продавница.

Социјалните мрежи имаат огромен потенцијал кој може да се искористи за промоција на еден бизнис, па токму оваа предност ја препознале Горјан и Мартин за да ја интензивираат продажбата на својата електронска продавница.

- Advertisement -

„Онлајн купувањето носи големи предности бидејќи можеш да го купиш она што ти треба и да ти го достават до дома. На почетокот тоа ни беше најголема цел, да им овозможиме на луѓето во Македонија кои живеат на места каде немаат инфраструктура и продавници, да дојдат до посакуваните производи“, додава Горјан.

- Advertisement -

Иако започнале со цел да доближат одредена палета на производи до луѓето кои не живеат во централните подрачја на државата, Горјан и Мартин денес ја препознаваат потребата од онлајн продавници и во големите градови како што е Скопје. Секојдневниот живот е динамичен, секој гледа да заштеди на време, па сѐ повеќе луѓе ја согледуваат предноста од пазарување онлајн.

Пазарот и економската ситуација во државата се такви што онлајн продавниците, доколку сакаат да бидат достапни за секоја група на луѓе, мораат да понудат производи најмногу од средна или висока класа.

На почетокот почнавме со локални добавувачи, а после одреден период откако почнавме да градиме бренд и луѓето почнаа да купуваат од нас, беше релативно лесно да договориме инвеститори. Денес веќе 60% – 70% од производите што ги продаваме ги увезуваме сами. Почнавме со увоз од Турција, а веќе работиме и со Кина“, раскажува Горјан.

OutletON денес најмногу продава во Македонија каде оваа компанија има магацин со производи и оддел за грижа за корисници кој истовремено ги покрива и останатите пазари на коишто се присутни. Магацин со производи имаат и во околината на Белград, а од пред скоро една година и во Бугарија. Проширувањето на бугарскиот пазар овозможило дополнителна експанзија и на пазарите во Грција и Романија поради предноста од Европската унија во однос на доставата.

Во секоја од земјите соработуваме со одредени пошти, иако во Македонија соработката со поштите ни е посебен предизвик бидејќи не постои добра инфраструктура за пратките да се доставуваат на време. За разлика од другите земји, Македонија потклекнува со инфраструктура, а тоа може директно да се одрази и на продажбата бидејќи купувачите секако сакаат нарачката да им се достави на време“, велат Горјан и Мартин.

Освен потешкотиите кои поштите и сервисите за достава во Македонија ги создаваат за онлајн продавниците, од OutletON посочуваат дека предизвици носи и самиот факт дека се работи за сосема нова индустрија и уште не постои стручен кадар во Македонија специјализиран за е – трговија и дигитален маркетинг. Но тие велат дека и покрај предизвиците, потенцијалот кој постои е голем.

„Во иднина се гледаме како Amazon на Балканот. Започнавме со инвестиција од еден приватен инвеститор, а планираме да бараме и поголеми инвестиции за да го оствариме тоа што го сакаме. Многу е важно во наредните три години да бидеме присутни на сите поранешно југословенски простори, вклучувајќи ги Албанија и Косово, како и Романија. Имаме апетитите и за проширување кон Унгарија, но за сега рано е да се зборува за ова. Во наредните две до три години ќе бидеме барем во три нови земји. Сега ги зацврстуваме позициите во овие земји каде што работиме.“, додава Горјан.

Преку својата онлајн продавница, најмногу продаваат сезонски производи кои се менуваат од сезона во сезона. Најмногу се фокусирале на алати, односно производи за дом и градина, и велат дека оваа одлука дефинитивно се исплатила. Наредна нова категорија за кои ќе ја зголемат понудата ќе биде категоријата со производи за мајка и бебе. Планираат да го покријат и делот за модни додатоци бидејќи оцениле дека постои таква побарувачка на пазарот.

Потенцијалот кој постои на македонскиот пазар за онлајн купувања проследено со онлајн плаќање

„По стандард, Македонците уште се скептични кога се работи за онлајн плаќања, но полека се движиме во нагорна линија. Она што е интересно е што кога ќе им се даде избор на купувачите да платат на врата за нарачаниот производ, преку 90% одбираат да си платат на врата“, вели Мартин.

Но ова не е случајот само во Македонија, туку појавата е карактеристична за целиот Балкан. Нивните искуства покажале дека дури и во Романија, 96% од луѓето избираат да си го платат производот на врата.

„Ние решивме дека нема да ги ограничуваме клиентите. Со производите кои ги нудиме, во просек една нарачка изнесува 1 000 денари. Можеби и поради ова на луѓето им е полесно да платат на врата во кеш бидејќи не се работи за голема сума на пари“, заклучи Горјан.

Освен новитетите кои ги најавуваат во проширување на асортиманот на производи, OutletON ќе им понуди во иднина на купувачите и сами да си ја избираат поштата по која сакаат да им се достави производот. Тие велат дека имаат и едукативна улога на пазарот бидејќи купувачот уште не е целосно едуциран да го разликува брендот од сервисот за достава, па кога нарачката ќе доцни, веднаш критиките се упатени кон онлајн продавницата.

Пазарниот потенцијал постои, а OutletON има амбициозна визија да стане прваta онлајн продавница на која купувачите во регионот ќе помислуваат кога ќе им се јави потребата и желбата да набават производ онлајн.

Сподели!
- Advertisement -