Трговецот со храна и пијалаци Онг Тек Тјан продава сладолед во чаши направени од „стакло“ кое може да се јаде. Наместо по употреба да се фрлаат пластични чашо, овие чаши може да се јадат. Имаат вкус на желе и се направени од морска трева. Чашите дури имаат и различни вкусови – од пеперминт до зелен чај.
Индинезискиот стартап Evoware е тој кој ги прави чашите, како и други садови, од одгледана морска трева без никакви хемикалии. Стартапот се надева дека ќе заживее оваа нивна алтернатива на пластиката и ќе се намали загадувањето на Земјата, пишувa Business Insider.
Дејвид Кристијан, соосновач на Evoware, вели дека му пречи тоа што во Индонезија има премногу отпад, особено откако истражил и дознал дека на пластиката и се потребни стотици или илјади години за да се распадне. Во Индонезија годишно се произведуваат околу 10 милиони тони морска трева. Целта е до 2020 година таа количина да се зголеми на 19 милиони тони. Evoware ќе го прошири својот асортиман со нови садови направени од морска трева како шолји за кафе или за зачини.
Засега овие чаши се поскапа алтернатива отколку пластичните и треба време додека луѓето се адаптираат на новата опција. Индинезија е една од земјите со најзагадени реки и плажи преполни со пластичен оптад. Земјата се приклучи на акцијата на Обединетите нации за чистење откако беше прогласена за втор најголем загадувач на океаните во светот веднаш после Кина.