Зголемувањето на нивото на водите е закана по голем дел од териториите на Њујорк и би можело до крајот на овој век да предизвика штета од милијарди долари и раселување на цели заедници. Поради ова, градските власти подготвија акционен план за намалување на емисиите на штетни гасови и адаптирање на климатските промени, пишува Global Citizen.
Градоначалникот Бил де Бласио изјави оваа недела дека градот ќе ги повлече инвестициите од пензискиот фонд во вредност од 5 милијарда долари кои ги има инвестирано во индустријата за фосилни горива. Ова е еден од најголемите и најсериозните процеси на повлекување на инвестиции во историјата.
„Њујорк мисли на своите идни генерации со тоа што станува првиот американски град кој ги повлекува инвестициите во фосилни горива“, изјави градоначалникот.
Тој исто така најави тужба против пет големи нафтени компании кои според градските адвокати лажно ги претставиле ризиците кои нивното работење ги има по климатските промени.
„Борбата со климатските промени ја започнува директно против нафтените компании кои знаеле за негативните ефекти и намерно ја излажале јавноста со цел да остварат поголем профит. Поради тоа што климатските промени се влошуваат, последиците треба да ги сносат нафтените компании чија алчност нѐнатера сами да ги сносиме трошоците за Њујорк да биде побезбеден и поотпорен град“, додал градоначалникот.
Exxon Mobil која е една од компаниите кои ќе добијат тужба, ја нарече тужбата како заговор на опортунистички политичари, пишува Guardian.
Целта на тужбата е да се придонесе кон тоа овие нафтени компании да сносат одговорност за негативните ефекти за климатските промени кон кои придонеле бидејќи зголемувањето на нивото на водите ќе предизвика инфраструктурни штети во Њу Јорк кои ќе чинат милијарда долари.
Ваквите процеси на повлекување на инвестиции од индустријата за фосилни горива се најчесто под притисок на еколошки групи и граѓани, а имаат за цел да покажат дека инвестирање во фосилни горива веќе не е исплатливо ниту пак етички.