Кина го изгради најголемиот прочистувач на воздухот во светот

- Advertisement -

Во кинескиот град Сиан во провинцијата Шаанси почна со работа најголемиот прочистувач на воздухот во светот, пренесува Inhabitat. Кулата висока 100 метри веќе го подобри квалитетот на локалниот воздух, а како што вели главниот научник во проектот, Цао Јунџи, кулата веројатно ќе стане корисна алатка на земјата во борбата против загадувањето на воздухот во урбаните средини. И нема рамна на кулата според големината. Во подножјето на кулата се поставени стакленици на површина голема колку едно фудбалско игралиште, во коишто влегува загадениот воздух. Смогот се загрева со соларна енергија во стаклениците, потоа се искачува низ кулата и поминува низ неколку филтри за чистење.

Бодејќи во градот Сиан главно се користи јаглен за загревање, смогот таму е исклучително густ и штетен особено во текот на ладните месеци. И покрај тоа што во текот на зимата нема толку соларна енергија, на стаклениците околу кулата се поставени посебни слоеви кои поефикасно апсорбираат топлина и во текот на целата година го вовлекуваат смогот. За да се измери ефектот на кулата врз квалитетот на воздухот Цао и неговиот тим поставиле повеќе мониторинг станици. Тимот открил дека просечното намалување на количината PM2.5 честички, кои се најштетните од смогот, е 15% во време на најголемо загадување. 

- Advertisement -

Цао вели дека ова се само првични резултати и дека напролет ќе имаат подетални анализи. Иако и досега имало слични кули за собирање смог, многу од нив користеле енергија од јаглен, а кулата во Сиан е уникатна затоа што речиси не троши енергија во текот на денот. Оваа кула, всушност, е минијатурна верзија на кулите коишто Цао и тимот сакаат да ги постават во густо населените големи градови во Кина. Нивната висина може да достигне 500 метри, додека површината на околните стакленици би била околу 30 квадратни километри.

Сподели!
- Advertisement -