Најмоќните лидери од денеска па во следните четири дена ќе се дружат во швајцарското одморалиште Давос на елитната годишна конференција на Светскиот економски форум
Но, што е Давос 2018 и кој ќе присуствува таму?
Конференцијата е глобална средба на околу 2.500 двигатели на настаните во светот – бизнис и политички лидери, луѓе од финансии и медиуми. Секоја година конференцијата се одржува во планински ресорт во источните Алпи на Швајцарија во градот Давос. Давос е највисоката точка во Европа – 1.560 метри.
Давос 2018 се одржува од 23 до 26 јануари, а главната тема е „Креирање заедничка иднина во еден расцепкан свет“ (“Creating a Shared Future in a Fractured World”) и ќе биде 48-тото издание досега. Првата конференција ја организирал германскиот професор по бизнис Клаус Шваб во 1971 година и на него присуствувале 444 видни личности.
На конференцијата, како секоја година, ќе присуствуваат најмоќните светски политичари. Меѓу другите, во Давос ќе бидат Емануел Макрон, Ангела Меркел, Тереза Меј, Џастин Трудо, Бенјамин Нетанјаху, Маурисио Макри Емерсон Мнангагва и Нарендра Моди. Американските претседатели, по правило, не присуствуваат во Давос, но годинава Доналд Трамп реши да ги почести со своето присуство и покрај тоа што ги доби изборите со своите ставови против глобализацијата, која ја претставува Давос. Аналитичарите очекуваат Трамп да ја начне својата тема „Америка е прва“ и можеби да се обиде да ја направи ситуацијата непријатна за другите делегати со ставови кои допираат до домашната политичка база.
Во Давос ќе дојдат и многу од лидерите на најголемите компании во светот. Годинава меѓу лидерите ќе се најдат и Марк Бениоф од Salesforce, Карлос Госн од Renault-Nissan-Mitsubishi и сер Мартин Сорел од WPP. Токму тие делегати главно ги обезбедуваат средствата за конференцијата со своето годишно корпоративно членство и партнерства кои се движат од 60.000 до 600.000 франци. Присуствуваат и челниците на некои од меѓународните тела како Меѓународниот моментарен фонд и Обединетите нации.
Освен нив, на конференцијата присуствуваат и челници на добротворни организации, синдикати, академици и невладини организации. Секоја година Светскиот економски форум кани и познати личности од забавната индустрија. Годинава тоа се актерката Кејт Бланшет и пејачот Елтон Џон.