Најголемиот интернационален настан за креирање игри „Global Game Jam“, кој се одржува еднаш годишно, истовремено на повеќе локации низ целиот свет во вид на 48-часовен маратон, годинава ќе се одржи од 26 до 28 јануари, пишува порталот MKD.
Како дел од International Game Developers Association (IGDA), цел на настанот е да ги обедини сите кои креираат или имаат желба да креираат игри и да поттикне креативност, соработка и експериментирање. Во 2017 година на „Global Game Jam“ се сретнаа 36.000 џемери, се одржа на 702 локации во 95 земји и беа создадени преку 7.000 игри.
Македонија го започна своето учество во 2013 година со локации во Скопје и Битола. Во изминатите пет години интересот за учество беше изненадувачки голем. На него досега се сретнаа скоро 1.200 учесници – професионалци, студенти, средношколци и ентузијасти од различни сфери за заедно да креираат игри, разменуваат знаење и остваруваат контакти. Досега се создадени 121 видео игра во прототип, од кои некои продолжија да се развиваат во комерцијални продукти.
Македонија беше на 5-то место во светот по бројот на игри создадени на нашиот настан по жител. Оваа година сакаме да го подобриме тој пласман, преку зголемување на бројот на учесници, велат организаторите во Македонија.
Global Game Jam Macedonia 2018 се очекува да има преку 300 учесници на локациите. За нив организаторите ќе обезбедат непрекинат интернет пристап, храна, пијалаци, простор за работа, простор за рекреација и простор за одмор. Се очекува да продефилира публика од над 2.000 луѓе за време на отварањето и затворањето, како и во текот на настанот.
„Global Game Jam“ во Скопје го организира МАГДА (Македонска Асоцијација за развивање на игри) и оваа година ќе се одржи во просториите на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство – ФИНКИ. За учесниците е обезбеден непрекинат интернет пристап, храна, пијалаци, простор за работа, простор за рекреација и простор за одмор. Во текот на работата ментори ќе им помагаат на учесниците и ќе одржуваат кратки предавања. За најиновативните тимови и поединци се обезбедени награди.