CEED Hub на нова локација – ќе ги поддржува студентите да ги остварат претприемачките идеи

- Advertisement -

Над педесет потенцијални претприемачи биле корисници на CEED Hub во Македонија, а 11 добиле инвестиција во вредност од 66 илјади долари и успеале да ги развијат своите идеи во бизниси. Од денес поддршката на CEED Hub е поблиску до студентите на техничките факултети при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, пишува МИА.

Ова беше посочено на отворањето на канцеларијата на CEED Hub Скопје, која е на нова локација на Машинскиот факултет во Скопје. Новите простории се отворени со средства од Проектот за мали и средни претпријатија на УСАИД, спроведен од CEED Macedonia и со поддршка од Швајцарската амбасада.

- Advertisement -

„Убеден сум дека новиот Хаб, кој сега им е во близина, ќе ги охрабри студентите да ги преточат нивните идеи во производ“ рече директорот на УСАИД во Македонија, Дејвид Отбери.

- Advertisement -

Тој додаде дека целта е да станат катализатор за да се развијат идеите и да ја охрабри македонската Влада да ги поддржи иницијативите на младите луѓе, бидејќи тие се оние кои ќе ја забрзаат економската активност.

На отворањето беше присутен и вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, кој истакна дека Владата за Планот за економски развој за 2018 година има детерминирано 46% повеќе средства во однос на 2017 година. Потенцираше дека Владата има конкретни мерки за поддршка на малите и средните претпријатија и за поддршка на претприемништвото, особено за младите лица кои треба да бидат поддржани во остварување на нивните бизнис идеи.

- Advertisement -

„Освен поддршката преку т.н. меки мерки, односно покривање на трошоци за едукација и обуки, Владата ќе ги поддржи стартап и малите компании со директна финансиска помош. Малите и средните претпријатија ќе бидат поддржани со 30% поврат на инвестициите за основните средства за извршување на дејноста, а ќе се овозможи 70% поврат на инвестиција за компании кои ќе воведуваат иновации и ќе креираат нови производи. На Фондот за иновации доделени се значителни средства за формирање на фонд за ризичен капитал со кој ќе се овозможи пристап до средства за мали и средни компании“ потенцираше Анѓушев.

Швајцарската амбасадорка во Македонија, пак, Сибил Зутер Техада, потенцираше дека младите претприемачи мислат дека најважни се финансиските средства, но искуството покажува дека знаењето од менторите е еднакво важно како и финансиските средства. Во CEED Hub тие ќе го добијат и едното и другото.

Според деканот на Машинскиот факултет во Скопје, Дарко Данев, услугите на оваа канцеларија ќе бидат близу до 4.000 студенти кои имаат визија за подобро утре на кои треба да им се подаде рака, со надеж дека канцеларијата ќе даде подобар квалитет на животот во земјата.

Директорот на CEED Hub, Ѓорѓи Кушевски, рече дека преку оваа канцеларија на младите им се нуди пристап до финансии во износ од 5 до 10 илјади долари, кои ќе им помогнат да ја развијат својата идеја и потоа успешно да ги искористат фондовите за бизнисот да им биде успешен.

Најави дека нареден чекор е да се отвори канцеларија на Економскиот факултет во Скопје за да се биде поблиску и до студентите од овој факултет.

Сподели!
- Advertisement -