Словенечката биотехнолошка фирма Acies Bio склучи договор за стратешка соработка со кинеската фирма Desano. Станува збор за една од водечките компании на подрачјето на фармацевтски состојки и додатоци за исхрана, која во словенечката фирма ќе вложи 5 милиони евра свеж капитал, а ќе добие удел во фирмата, пишува Poslovni Dnevnik.
Со овие инвестиции фирмата ќе развива сопствени иновативни производи, а поради стратешкото партнерство со кинеската фирма, се очекува и продор на кинескиот пазар и отворен пристап до капацитетите на Desano.
„Инвестирањето и стратешкиот сојуз се темелат на долгогодишна соработка бидејќи Desano беше еден од првите наши купувачи на кинескиот пазар за кого развивме неколку производи како витамини и додатоци за исхрана.“, изјавил Енеј Кушчер, коосновач и директор на Acies Bio. Словенечката компанија е основана во 2006 година и моментално вработува 35 експерти меѓу кои многу доктори на науки.
Acies Bio, најголемиот дел од заработката, го остварува преку спроведување на истражувачки и развојни услуги за фармацевтската, хемиската и земјоделско-прехрамбената индустрија на пазарите во Европа, Азија и САД. Од 2009 година се присутни на кинескиот пазар. Вложуваат во сопствени технологии и производи во областа индустриска биотехнологија, како производство на витамин Б12 од отпадната киселина на сурутката. Работат и на нови лекови за ретки болести и лекови против бактериски инфекции кои се резистентни на антибиотици.
Минатата година, нивната компанија ќерка TM3 Therapeutics, почна да развива лек за детски невродегенеративни болести. Европската агенција за лекови (ЕМА) пред две години ја одобри ознаката CAB1803 за новиот лек за лечење на ретката невродегенеративна болест PKAN произведен од Acies Bio. Понатамошниот развој и раст на компанијата го гледаат во своите иновативни производи со висока додадена вредност.
„Бидејќи нашите истражувачки проекти се доста капитално интензивни, поддршка во облик на банковна гаранција од Словенечкиот претприемачки фонд и други европски субвенции како т.н. Јункеров фонд, се од неверојатна важност за понатамошниот развој на фирмата и позиционирање на конкурентскиот меѓународен пазар.“, раскажал техничкиот директор на Acies Bio, Стефан Фујс.