Бесплатен јавен превоз во Скопје од денес поради загадувањето

- Advertisement -

Од утрово повторно стапија на сила мерките против аерозагадувањето во Скопје. „Јавниот превоз од денеска е бесплатен. Оставете ги автомобилите и возете се со јавниот превоз“ рече градоначалникот Петре Шилегов на форумот „Иден развој на урбаната мобилност“.

Во согласност со Законот за квалитет на амбиенталниот воздух, по барање на Владата и Министерството за здравство, Градот Скопје објави итни мерки и препораки за намалување на загадувањето на воздухот. Овие мерки се преземаат по добиеното известување од Министерството за животна средина и просторно планирање дека прагот на алармирање за ПМ 10 честичките во воздухот е надминат (над 200μg/m3) во текот на два дена едноподруго.

- Advertisement -

Градот Скопје мерките и препораките за намалување на загадувањето на воздухот оваа зима ги воведува третпат. Во сила стапуваат следните мерки и препораки:

1. Градот Скопје од денеска воведува бесплатен јавен превоз во автобусите на ЈСП и во автобусите на приватните превозници. Оваа мерка ќе трае сè до моментот на намалување на загадувањето за што дополнително ќе бидеме известени од Министерството за животна средина.

- Advertisement -

2. Градот Скопје ги прекинува сите градежни активности на градилиштата под своја надлежност и ги повикува сите градоначалници од општините во град Скопје да ги прекинат градежните активности на градилиштата во нивна надлежност.

3. Градот Скопје ја интензивира контролата на градилиштата, односно возилата што излегуваат од градилиштата мора да имаат измиени тркала и да се покриени со церади заради контрола на прашината.

- Advertisement -

4. Се задолжува ЈП „Комунална хигиена“ да го продолжи интензивното чистење и миење на градските улици и булевари што се во надлежност на Град Скопје и им се препорачува на скопските општини да го направат тоа на улиците што се во нивна надлежност.

5. Градот Скопје врши зајакната контрола на имателите на одобренија за доставување стока преку Инспекторатот на Град Скопје, а воедно го повикуваме и Министерството за внатрешни работи да спроведе засилени контроли на правните субјекти што поседуваат одобренија за доставување стоки издадени од Град Скопје.

6. Се повикуваат градоначалниците на општините во градот Скопје да ги интензивираат инспекциските надзори над субјектите што управуваат со отпадни гуми и отпадни масла.

7. Го повикуваме Министерството за внатрешни работи да спроведе ограничување на обуките на автошколите од 9.30 до 14.30 и по 18 часот.

8. Ги повикуваме Министерството за животна средина, Државниот инспекторат за животна средина и општините да извршат засилени контроли над инсталациите што се под нивни ингеренции.

9. Бараме од Министерството за внатрешни работи да ги зајакне контролите за почитување на забраната за движење тешки товарни возила чиј крајна дестинација не е Градот Скопје, а кои се упатуваат да ја користат скопската обиколница, во согласност со поставената сообраќајна сигнализација.

10. Бараме од Министерството за внатрешни работи да врши зачестени контроли на издувните гасови на возилата што учествуваат во сообраќајот, се наведува во соопштението од Град Скопје.

Град Скопје апелира до вработените на работа да доаѓаат со автобусите на јавниот превоз. Во исто време службените возила на Град Скопје ќе се користат исклучиво за потребите на градскиот Инспекторат.

Град Скопје исто така апелира до граѓаните да не ги користат возилата без потреба, повеќе лица да се возат во едно возило, да се користи јавниот превоз и тоа да премине во навика, без разлика на загадувањето, за затоплување на домовите да не се користат отпадни материјали, прегорено машинско масло, лакирани и обоени отпадоци од дрво, стиропор, ПЕТ-амбалажа, гуми и каков било синтетички материјал, да се користи суво и чисто дрво без примеси од земја и од отпадоци, а печките на дрво да се користат и одржуваат според упатствата на производителот.

Сподели!
- Advertisement -