Берзата во Белград до крајот на март годинава на пазарот во Србија ќе понуди еден вид crowdfunding платформа за финансирање на стартапи и микро, мали и средни претпријатија во соработка со една од водечките платформи од овој вид во светот, пишува N1.
Директорот на берзата, Синиша Крнета, изјави дека целта на овој потег е да им се помогне на младите и иновативни компании и почетници да дојдат до средства за понатамошен раст и развој.
„На прагот сме да станеме лидер во Србија во нудењето помош на компаниите во раните фази на развој. Берзата до крајот на март ќе стане официјален партнер за пазарот во Србија на еден од глобалните лидери во пружање crowdfunding услуги“ изјави Крнета и додаде дека засега го држат во тајност името на партнерот поради договорот.
Белградската берза ќе биде информациски пункт и катализатор кој ќе им овозможи на многу стартапи да дојдат до неопходните средства. Иновативните компании ќе можат преку оваа платформа на берзата да конкурираат со своите бизнис концепти за средствата од инвеститорите.
„Сакаме да придонесеме за српските стартапи да остануваат во земјата и да можат на едноставен и евтин начин да собираат капитал. На овој начин младите луѓе ќе ги регистрираат своите производи и услуги во Србија наместо во некоја странска земја“ истакна Крнета.
На платформата ќе можат да се претстават бизнис идеи од сите области, во кои ќе можат да инвестираат заинтересираните од Србија и од странство. Концептот на crowdfunding или групно финансирање е еден од најбрзорастечките трендови во светот, а Светска банка процени дека до 2020 година ваквите платформи ќе остваруваат вкупен промет од 100 милијарди долари.