Рубриката #ИновативностЧита ви нуди викенд предлози за книги од кои можете да научите важни бизнис и животни лекции и од кои ќе се инспирирате и ќе го отворите вашиот ум кон нови нешта.
(Пишува – Бисера Срцева)
Што е поопасно, пиштол или базен? Што имаат заедничко наставниците и сумо борачите? Колку се навистина важни родителите? Сигурно мислите дека не постои начин да се одговори на овие прашања недвосмислено, а сигурно и ќе се изненадите кога ќе дознаете дека еден познат професор по економија направил кариера истражувајќи за вакви прашања.
Оваа недела во рубриката #ИновативностЧита пишуваме за книгата Freakonomics или Фрикономија од авторите Стивен Д. Левит и Стивен Џ. Дабнер. Прашањата кои ви ги наведовме на почетокот се прашања на кои навистина ќе најдете одговор доколку ја прочитате оваа книга. Станува збор за книга која користејќи ги принципите на економија, ја прикажува скриената страна на сѐ што нѐ опкружува и според која „да се знае што треба да се измери и како да се измери е клучно за разбирање на модерниот живот.“
Содржината на книгава е навистина несекојдневна, а кога еднаш ќе ја почнете, нема да сакате да ја оставите додека не ја завршите. Истото ни се случи и нам, едноставно ја проголтавме и веќе сме во активна потрага на вториот дел. Воведот на книгата уште веднаш ви дава до знаење дека ова не е типична книга за економија. Двајцата автори се запознале кога Дабнер, кој е инаку новинар, бил испратен да го интервјуира Левит – економистот. Но тој уште веднаш ја исцртал својата црвена линија: отворено признал дека не е добар во математика, не знае многу економетрија, ниту пак знае да теоретизира.
Според Левит, економијата е наука со одлични алатки за добивање одговори, но со сериозен недостаток на интересни прашања. Тој ги користи овие алатки на економијата за да може преку своето исклучително остро око да дојде до одговори до кои никој друг економист не доаѓа.
Наскоро после објавувањето на книгата која ги поместила сите граници на читаност, Левит добил илјадници прашања од читателите на New York Times каде книгата станала и бестселер на весникот. После прашањата од читателите, следувале прашања од компании какo General Motors, клубови какo New York Yankees, па дури и од американски сенатори и од ЦИА кои сакале да го ангажираат Левит да им помогне со своите методи при откривањето на терористи.
Авторите порачуваат дека постојат многу книги за економијата како наука и нејзините принципи, но оваа книга ќе ви објасни како да гледате на светот како економист. Кога беше издадена, книгата беше прогласена за книга на годината од Financial Times, The New York Magazine, Amazon.com и Barnesandnoble.com
The Economist напиша дека книгата покажува колку многу може да открие старомодната економија кога е во рацете на безгранично љубопитниот и неверојатно надарен човек кој ја практикува на поинаков начин. Freakonomics не само што ќе ви обезбеди неколку анегдоти кои ќе уживате да ги прераскажувате на вашите пријатели, туку и ќе ве инспирира да почнете да гледате на нештата од поинаков агол.
Немаме податоци дали книгава е преведена на македонски јазик, но ние го читавме изданието на англиски, кое може да се набави онлајн преку сервисите на Book Depository (со бесплатна достава) или Amazon (достава од неколку долари) по цени кои почнуваат од 5 евра па нагоре.
Читајте книга и чекајте нѐ и следниот викенд со уште еден предлог!