ТРИГЛАВ советува: Како да се ослободите од мувлата во станот?

- Advertisement -

Мувлата во станот може да биде опасна за вашето здравје. Прочитајте како да се ослободите од неа.

Дали некогаш сте размислувале за ова прашање? Мувлата во станот е многу честа појава која ви го уништува животниот простор и може да биде штетна за вашето здравје, а против неа не можете да се осигурате. За да го решите ефикасно овој проблем, морате да го откриете причинителот за нејзино настанување. Проверивме како да се отстрани постојната мувла и што треба да се направи за да не се појави никогаш повеќе.

Зошто мувлата во станот е штетна и кои проблеми најчесто ги предизвикува?

Прим. м-р. Никша Шегота, доктор по медицина, специјалист пулмолог, вели: „Покрај спорите од прашината, мувлата е најголем проблем во животниот простор. Спорите на мувлата се насекаде и не можат да се уништат. Се наоѓаат во воздухот, а посебно погодна им е топлата и влажна средина. Ги вдишуваме во секој чекор. Предизвикуваат астма, кивање (алергиски ринитис), може да предизвикаат воспаленија во организмот (покрај бактериите и вирусите). Многу работи сѐ уште не се познати кога станува збор за мувлата, но се знае дека игра важна улога во комбинација со другите болести. Факт е дека е многу штетна“.

- Advertisement -

Две причини за појавување на мувла

Пред да зборуваме за отстранување, мора да го откриете причинителот за појавување на мувлата. Постојат две причини:

  1. 1Надворешен причинител: поради лошата хидроизолација, влагата во станот доаѓа однадвор. Покрај самиот избор на изолација, важен е и изборот на завршниот фасаден слој. Завршниот фасаден слој треба да биде паропропустен, како би го спречило задржувањето на влагата во конструкцијата;
  2. 2Внатрешен причинител: влажноста во просторот се зголемува поради начинот на вашиот живот – готвење, перење, воздухот кој се диши… Дневно во станот настануваат приближно од 10 до 15 литри влага. Влагата од воздухот доаѓа во контакт со ладната површина која на тој начин се оросува. Настанатата влага може да ја навлажни конструкцијата на градбите и така настануваат идеални услови за ширење на мувлата. Мувлата расте на површина која е постојано влажна.

Каде се појавува мувла?

Мувлата најчесто се појавува на северните ѕидови, бидејќи тие се најладни ѕидови во станот.

- Advertisement -

Топлиот и влажен воздух, кога ќе дојде во допир со ладниот ѕид, за миг се изладува. Од него се издвојува водата – влага, која потоа се задржува во ѕидот. Кога ѕидот во еден момент ќе стане доволно влажен, на постојана температура станува идеална подлога за настанување на мувла. Ова се случува особено во зима, кога станот се загрева. Доколку, на пример, температурата на воздухот во просторијата е околу 20°C, а релативната влажност на воздухот е под 60 %, температурата на кондензација изнесува 13°C. Мувлата се јавува на деловите на ѕидот кои се поладни од температурата на кондензација, а тоа обично се надворешни ѕидови со лоша изолација.

Оптималната релативна влажност во станот треба да биде помеѓу 40 и 60 насто. Повисоката влажност е погодна за мувлата, а кога влажноста на воздухот е над 80 насто, се создаваат услови  мувлата да расте и на сува подлога.

- Advertisement -

Мувлата често се појавува и поради таканаречените топлотни мостови. Тоа се точки во објектот како што се тераси или агли – ќошиња кои се полошо изолирани. Поради високите температури во средината настанува кондензација на водена пареа. Овие мостови можат да се избегнат со прецизно планирање.

Кондензацијата, а последично и мувлата се јавуваат пред сѐ во аглите – ќошињата на ѕидовите. Причината за тоа е недоволно кружење на воздухот, бидејќи во аглите воздухот се задржува и не циркулира доволно. Бидејќи за појава на кондензацијата е виновен влажниот воздух, обидете се да сторите нешто во врска со самиот воздух во објектот:

  • Проветрувајте ја бањата;
  • Доследно користете аспиратор во кујната, особено во текот на готвењето, кога во просторијата испарува вода;
  • Пред сѐ, редовно проветрувајте ги просториите во кои престојувате.

Просториите треба да се проветруваат често, краткотрајно и интензивно. Некои советуваат дека е доволно да се проветрува трипати на ден, други предлагаат петпати дневно. Но задолжително треба да се проветрува наутро штом ќе се разбудите и секогаш кога работите нешто што ослободува влага (готвење, перење, туширање, чистење на под и сл.)

Како можете да се ослободите од мувлата?

Веќе постојната мувла најделотворно можете да ја отстраните  со соодветно хемиско средство. Во повеќето продавници можете да најдете посебна емулзија. Нанесете ја на местата на коишто почнала да се создава мувла. Емулзијата оставете ја да дејствува онолку долго колку што е пропишано, потоа ѕидот исчистете го механички (со четка или сунѓер).

Доколку и понатаму има соодветни услови, мувлата со текот на времето повторно ќе се појави.

Кога ќе ја отстраните мувлата, морате да се ослободите и од причинителот за нејзиното појавување, бидејќи секое друго решение ќе биде само привремено. Стручњаците нагласуваат дека сопствениците на станови често се подготвени да пробаат сѐ за да се ослободат од мувлата во својот животен простор. А најчесто единствено вистинско и долгорочно решение е вградување на систем за вентилација, што е подобро од отворање на прозорци. Иако станува збор за поскапа интервенција, треба да се размисли за тоа пред да посегнете за друго привремено решение, кое на крајот ќе ве чини исто.

Подобро е да се спречи

Стручњаците забележуваат дека појавата на мувла е чест проблем по адаптација на животниот простор. Не поради лошо планирање или површно изведување на работите, туку затоа што реновираниот простор е предобро запечатен.

Старата куќа пред реновирањето дишела, пропуштала пред сѐ топол и влажен воздух, додека реновираната куќа е добро запечатена.

Влагата која порано поминувала непречено преку ѕидовите и пукнатините сега се задржува во просториите. Покрај тоа, новите простории сега се и потопли, поради дополнителните топлотни изолации. Топлиот и влажен воздух често се задржува во  аглите – ќошињата, зад мебелот… Сите овие фактори овозможуваат настанување на мувла.

Затоа, да повториме уште еднаш што треба да направите за да ја спречите појавата на мувла во просторот во кој живеете:

  • Периферните површини треба да бидат топли (дополнителна топлотна изолација околу градбата, без топлински мостови);
  • Стаклата на прозорците треба да бидат енергетски ефикасни;
  • Обезбедете и адекватно проветрување со постојано кружење на воздухот.

Д-р Никша Шегота уште додава: „Не смееме да заборавиме на местата каде што спиеме: фиоките во креветот можат да бидат вистинско легло како за мувлата така и за спорите. Исто така, не е препорачливо во спалната соба да се одгледува цвеќе“.

Сподели!
- Advertisement -