Интервју со Бојан Кордалов, специјалист за односи со јавност и нови медиуми за Inovativnost.mk. Зборуваме за безбедноста на Интернет, колку луѓето се свесни какви се опасности демнат додека удобно од дома си сурфаат на Интернет. Jа најавуваме неговата соработка со Кабтел, со цел подигнување на нивото на онлајн заштита, во прв план кај децата и младите!
Разговараше – Верица Јорданова
Фото – Андриана Николоска
Зошто сега е вистинско време да се обрне особено сериозно внимание на безбедноста на Интернет? И дали ова предупредување треба повеќе да се адресира до бизнис корисници или до сите нас како корисници на Интернет во најразлични форми?
Кордалов: Не постои погрешно време за да инвестираме во подобра интернет безбедност. Ова важи и за индивидуалните, но и бизнис корисниците. Масовната употреба на интернет технологиите и мобилните уреди пресели добар дел од нашиот живот и работа онлајн. Да ги споменеме интернет нарачките од целиот свет, резервациите за авионски билети, превози и сместувања, онлајн плаќањата преку мобилен телефон или таблет…
Сето ова ни олеснува, го подобрува квалитетот на живот, но истовремено треба да бидеме свесни дека позади сите овие сервиси стојат голем број компании и професионалци кои се грижат за сајбер безбедноста, односно како поддршка за креирање на што посигурен интернет.
За жал, „зад мониторите“ се кријат и многу опасности и ризици, а како пример можеме да ги наведеме кражбата на лични податоци, податоци за платежни картички, како и други ризици од онлајн упади.
Сметам дека треба да ни стане пракса со купувањето на секој нов компјутер, таблет или мобилен телефон да инвестираме и во софтвер за интернет безбедност, а особено за детска заштита. На тој начин добиваме сите. Ги заштитуваме нашите уреди, уредите на блиските, но и инвестираме во севкупно подигнување на нивото на сајбер безбедност. Со еден збор, вложуваме во себе и своите најблиски.
Децата се едни од најризичните категории кога станува збор за ранливост на Интернет. А тие се и големи корисници консументи на Интернет содржини. Кои се клучните препораки до родителите?
Кордалов: На оваа тема се посветува сеуште недоволно внимание. Иако сите сме големи консументи и интернет „зависници“, сепак најранливи, како во реалниот живот, така и во интернет просторот се децата. Доколку сакаме да ги заштитиме децата од опасностите кои се „кријат“ во интернет просторот, најважна е улогата на родителите. Тие се клучната алка која им го покажува доброто однесување на интернет, како и правилата за градење на онлајн репутација. Како што интернетот и социјалните медиуми се огледало на секој од нас, така и нашите деца се огледало на нашето однесување на интернет. Ако ние како возрасни поминуваме премногу време седејќи на нашите мобилни телефони, тогаш логично е да очекуваме дека и децата ќе го следат тој пример во иднина. Доколку, пак, ние им покажеме каде да најдат и како да употребуваат корисни апликации за нивната возраст или како да пребаруваат со цел да дојдат до вистинските податоци, тогаш ние вложуваме во нивна интернет едукација за целиот живот.
За правилна едукација и заштита на децата во онлајн просторот, важно е да создадеме правила кои сите, без исклучок, ќе ги почитуваат во семејството. На пример, во кој период од денот и колку време ќе се поминува на интернет, но и да се прави баланс со исполнување на времето со други заеднички активности како спорт, учење, друштвени игри…
Исто така, секој родител треба да истражува и да биде во тек со сите новитети и трендови кои секојдневно се случуваат во интернет просторот и на социјалните медиуми со цел да може да даде одговор на прашањата кои ќе ги поставуваат децата на оваа тема. Во спротивно, интересот на детето нема да запре, туку одговорот ќе го бара на други места на кои не можеме да бидеме сигурни дека ќе го добие вистинскиот одговор, ниту пак дека не се крие одредена опасност.
Во оваа насока родителите треба да бидат во тек и со софтверите за родителска заштита кои ги нудат светските компании. Овој тип на софтвери, како што е Kaspersky Safe Kids, се присутни и на нашиот пазар, а нудат заштита од потенцијалните онлајн ризици со кои може да се соочат децата, заштита од несаканите веб страни и интернет апликации, како и задржување на движењето во „сигурната зона“. Цената е симболична и изнесува 950 денари годишно, а лиценцата може да се користи за повеќе мобилни уреди во семејството.
[quote]Во време на масовна дигитализација, потребно е да почнеме да инвестираме многу повеќе во онлајн заштитата на децата. Најефикасна е комбинацијата од родителската грижа и поддршката која софтверите за заштита на децата ни ја нудат.[/quote]
Со компанијата Кабтел деновиве започнувате соработка чија што клучна цел е зголемување на информираноста за опасностите кои демнеат онлајн и подигање на општото ниво на користење на интернет безбедност?
Кордалов: Кабтел е реномирана компанија која годинава одбележува 17 години од своето постоење, а чија мисија е дизајн, имплементација и одржување на ИКТ системи базирани на најновите ИКТ-технологии за поддршка, раст и успех на клиентите и партнерите од сите сектори и индустрии.
Оваа година и јас одбележувам јубилеј на кој сум многу горд – 10 години активна работа и искуство на полето на новите медиуми, придобивките кои овие медиуми ги нудат, но и заштита од потенцијалните опасности кои со себе ги носат, особено за најмалите.
Оттука произлезе и идејата, да ги здружиме знаењата, искуството и можностите, па во рамките на компонентата за општествена одговорност на Кабтел да започнеме со реализација на соработка која ќе има за цел подигнување на нивото на онлајн заштита, во прв план кај децата и младите.
Работиме на реализација на амбициозна годишна програма која ќе вклучува многу медиумски активности, обуки, дебати, како и конкретни истражувања и препораки наменети за децата, родителите, образовниот сектор… Со еден збор, ќе се обидеме да оставиме траен белег во менување на навиките во делот на интернет безбедноста, како и подигнувањето на јавната свест за онлајн заштита што понатаму ќе овозможи целосно фокусирање и ползување на позитивните аспекти кои ги нуди дигитализацијата.
Колку во Македонија се користи Интернет безбедносна заштита и кои се причините за недоволното користење?
Кордалов: Би ги сублимирал причините во две групи. Најпрво, ние сме менталитет кој попрво ќе даде дел од својот буџет за добро излегување, кафе, галантерија итн., отколку во други рационални инвестиции како што се софтверите за интернет безбедност и заштита. Да не ме сфатите погрешно, тука се ставам и самиот себе, иако постојано се трудам и го менувам таквото сфаќање.
Од друга страна, ИТ компаниите во земјава, па и во светот многу често при промоцијата на ваквите софтвери користат јазик кој е помалку разбирлив за лицата кои не се бават со оваа проблематика.
Решението би било некаде на средина, но иницијативата секако треба да почне од компаниите и нивно повидливо и покреативно присуство на маркетинг пазарот. Активностите кои ги презема Кабтел се движат токму во оваа насока и тоа многу ме радува.