Програмите на CEED Hub Скопје ги зголемуваат шансите за успех на македонските стартапи

- Advertisement -

CEED Hub Скопје е дел од CEED Македонија и делува како простор каде стартапите, претприемачите и ентузијастите можат да развиваат идеи и производи кои подоцна ќе ги капитализираат. Започна да работи во февруари 2016 година, а од неодмана е на нова локација и тоа на самиот кампус на техничките факултети на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје. Иновативност разговараше со Марко Георгиевски, програмски координатор во CEED Hub Скопје кој зборува за улогата која ја има едно вакво место во развивање на еден стартап екосистем

(Разговараше – Бисера Срцева)

Нова локација, поголем простор, повеќе настани. Што значат овие промени за CEED Hub, а уште поважно за студентите во чија непосредна средина сега функционирате?

Oд пред околу еден месец се префрливме на кампусот на нашиот официјален партнер – Машинскиот факултет, кампус на кој исто така се наоѓаат и факултетите како ФИНКИ, ФЕИТ, Технолошко-металуршкиот факултет, Драмскиот факултет и Бирото за развој на образованието. Сакаме поконцентрирано да ги таргетираме студентите за разлика од претходно, но целите си ги задржуваме. Зошто сме овде помеѓу студентите? Праксата во светот покажала дека најуспешните хабови и акцелератори, односно места каде што се собираат стартапи и ентузијасти, се наоѓаат на кампусите на универзитетите од каде што доаѓаат кадрите. Го следиме и ние тој тренд од западниот свет и сме на кампус каде има програмери и инженери во изобилство.

- Advertisement -


Со какви програми се истакнува CEED Hub помеѓу стартапите во Македонија?

CEED Hub во текот на 2017 година спроведе неколку програми, меѓу кои за првпат акцелераторска програма за стартапи преку која освен менторство, добија и одредена почетна сума развој на нивниот бизнис. Во есента ја спроведовме и втората акцелераторска програма преку која уште неколку стартапи добија средства кои се движеа од 5000 до 10 000 долари.

Досега имаме спроведено и три предакцелераторски програми, од кои едната беше само за жени претприемачи и другата за дизајнери во соработка со IME – Increasing Market Employability, како и една локална предакцелератоска програма спроведена во Струмица заедно со Startup Academy.

- Advertisement -

Во 2018 година не планираме некои поголеми промени, ќе се движиме по иста патека во однос на програмиве, а веќе го отворивме повикот за предакцелераторска програма наменета за луѓе од било која индустрија кои се во рана фаза за развој на својата идеја.

Предакцелераторската ќе се спроведува во наредните два месеци, а подоцна ќе ја најавиме и акцелераторската програма. Овие програми најчесто вклучуваат сесии кои се одржуваат два пати неделно во посебна тренинг сала. Имаме и менторски активности, односно ги поврзуваме учесниците во програмата со ментори и постои посебен ментор за секој стартап. Ги охрабруваме и да се обраќаат и до мрежата на ментори коja постои во рамки на CEED Македонија во која членуваат голем број на компании.

- Advertisement -

Можете ли да објасните за заинтересираните ентузијасти, која е разликата помеѓу предакцелераторската и акцелераторската програма на CEED Hub?

Акцелераторска програма е наменета за стартапи кои веќе почнале да работат но им треба дополнителна акцелерација преку која ќе научат како да се однесуваат на пазарот, како да го доразвијат производот или услугата. Тоа се стартапи кои се веќе регистрирани како компании  според Законот за трговски друштва. За разлика од тоа, спроведовме и предакцелераторски програми за кои не е услов пријавените да бидат регистрирани како компании, туку можат да бидат индивидуалци и тимови кои имаат само идеја и се фаза во која допрва треба да ја развиваат таа идеја.

Кои се новитетите во вашата работа кои произлегуваат од овој нов и современ простор?

Новитет е тоа што сега просторот кој го имаме е многу поголем и нуди поеќе можности. Капацитетите можат да ги користат стартапи, фриленсери, индивидуалци за да доаѓаат и да работат овде преку т.н. coworking сесии. Низ целиот простор на располагање се дваесет и пет бироа , а сумата која е предвидена за користење на капацитетите, освен биро, опфаќа и интернет, користење на уреди како принтери и проектори, одржување на просторот, струја, вода, користење на соба за приватни состаноци или видео повици, кујна, обезбедување на просторот и приватен паркинг. Дополнително, имаме и четири приватни канцеларии на располагање кои можат да бидат изнајмени од компании. Најголемата веќе ја изнајмивме на една компанија која ќе работи во нашиов простор, а постои интерес и од други компании.

Дали кај овие компании кои ќе работат во вашиот простор постои интерес да соработуваат со стартапите кои произлегуваат од CEED Hub и да им понудат менторство?

Тоа е во суштина и целта на еден хаб, под една капа да бидат присутни со свои активности не само стартапите, туку и поголемите компании кои доаѓаат од бизнис секторот и претставници од академската заедница. Лидерите од овие фирми веќе покажуваат интерес за соработка со стартапите или пак се нудат да бидат предавачи на некои од сесиите во програмите. Еден од коосновачите на фирма која е присутна во хабот веќе работи како ментор на еден од нашите стартапи, а фирмите кои се заинтересирани за простор овде, прашуваат дали можат да понудат експертска или менторска помош. Размислувањето на фирмите кои доаѓаат да работат на вакви места е сосема поразлично од она на другите изолирани фирми и тие се овде бидејќи го увиделе позитивното влијание кое го има еден ваков хаб и присуството помеѓу стартапи.

Какво е вашето видување за македонската стартап сцена и каква улога во нејзиното развивање може да има CEED Hub?

Македонската стартап сцена е сѐ уште стартап. Но дефинитивно постои прогрес во последниве години. Кога јас почнав да навлегувам во стартап сцената некаде во 2013 година, многу луѓе не знаеја ниту што значи зборот стартап, на социјалните мрежи не се зборуваше за стартапи, не постоеја портали и веб платформи како што е Иновативност кои јавно зборуваа за стартапи. Но оттогаш па наваму сликата се менува, а за поздравување е тоа што почнаа да се појавуваат многу програми преку кои ќе се обединуваат потенцијалните претприемачи со идеи и професионалците кои можат да им пружат менторска помош.

Без постоењето на вакви хабови, не можат да се обединат сите чинители кои се потреби за да се развие еден здрав стартап екосистем. Дополнително, искуството покажало дека стартапите кои поминуваат низ акцелераторски програми кои ги нудат хабовите, имаат поголеми шанси за успех. Клучно е да постојат вакви места како што е CEED Hub за раст на стартап сцената.

Праксата покажува дека стартапите кои не поминале преку акцелераторска програма, кога ќе стигнат до моментот да го претстават својот производ пред инвеститори преку т.н. pitching, овде најмногу потфрлаат бидејќи тоа е филозофија и треба да се умее во две минути да се претставиш сето она што стартапот го поминал во акцелераторската програма.

CEED Hub има клучна улога во ширењето на стартап културата и во поттикнувањето претприемничко размислување. Македонија е мала земја и не можеме да бидеме конкуретни едни на други, можеме само заеднички да соработуваме и да успееме фокусирајќи се на странски пазари и на интернационализација.

Дали CEED Hub има улога во поврзување на стартапите со одредени државни механизми кои би им биле од корист?

Соработуваме со Фондот за иновации и ги упатуваме стартапите да аплицираат на нивните повиците за финансирање, а исто така од Фондот добиваме и информации за актуелни програми или програми кои следуваат на кои стартапите би можеле да аплицираат. Имаме добра соработка и со Агенцијата за вработување бидејќи и тие имаат некои програми за грантирање и имаме стартапи кои ги искористиле нивните средства за самовработување. Значи соработуваме со сите клучни институции во општеството кои би можеле да ни помогнат и нам и на нашите стартапи.

За крај, дали би можеле да наведете некои успешни стартап приказни кои започнале од CEED Hub?

Од завршените програми имаме неколку стартапи кои се истакнуваат и веќе работат и ги продаваат своите производи. Би го споменал стартапот Една прави или One Made кој е спин-оф од невладината организација One Can и се социјално претпријатие составено од самохрани мајки кои нудат свои органски производи. Понатаму Prim 3D – стартап кој работи со технологија за виртуелна реалност и бележи многу брз раст со тоа што веќе има некои пред-договори со земји од Блискиот исток. Би го издвоил и стартапот Mamaorgana кои работат со супстрати односно имаат производи кои многу побрзо ја прочистуваат почвата од загадувачи отколку постоечките супстрати. Овие три би ги издвоил како стартап приказни кои се родиле во CEED Hub, иако има и многу други кои се во рана фаза на развој. До сега сме имале над 30 тимови односно стартапи кои ја минале фазата на предакцелерација.

CEED Hub Скопје моментално има отворен повик за првата предакцелераторска програма за 2018 година, која ќе започне на 28 февруари. Програмата ќе биде во времетраење од два месеци и ќе опфаќа неколку елементи како бизнис дизајн според canvas моделот, менторство и demo day (pitching). Повикот е отворен до 25 февруари, а за повеќе информации, посетете ја нивната веб страница на следниот линк.

 

Сподели!
- Advertisement -